Анѓушев важи за еден од најуспешните македонски бизнисмени. Зад себе има големо професионално искуство, во повеќе области. Почнува прво како асистент, а потоа станува професор на Машинскиот факултет во Скопје, за подоцна своето работното искуство да го прошири во Лавборо, Англија, како визитинг – професор на тамошниот машински факултет. Две години беше на функцијата помошен генерален директор за производство и управување во Електростопанство на Македонија (ЕСМ), а потоа го основа Друштвото за вработување инвалидни лица за производство, трговија и услуги Фероинвест доо експорт – импорт Велес, кое е дел од конзорциумот што доби концесија за 21 мали хидроелектрани во Македонија. Во 2003 година Фероинвест станува сопственик на 50% од капиталот на компанијата Брако. Анѓушев станува претседател на Одборот на директори и го организира развојот и производството во трите производни погони во Велес – Македонија, Панчево – Србија и Видин – Бугарија. Со ова успева до го етаблира Брако како лидер на Балканот во својата област. Истата година прво основа претставништво на групацијата ЕФТ, а подоцна и фирма ЕФТ-Македонија, која добива лиценца за трговија со електрична енергија. Во октомври 2012 година ја основа Energy Delivery Solutions (ЕДС), компанија за трговија со струја, а во февруари следната година ја напушти челната позиција на ЕФТ. Истиот месец, Кочо Анѓушев беше назначен за претседател на Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија.
БИ: Поминаа неполни три месеци откако се отвори пазарот за струја за компании што имаат над 50 вработени и над 10 милиони евра промет. Колку сте задоволни Вие како снабдувач од уделот што го имате на пазарот?
Слободно може да кажам дека сум задоволен со оглед на тоа што имаме 64% пазарен удел од вкупниот либерализиран пазар за снабдување со електрична енергија. Наши партнери се најдобрите македонски компании кои на време успеаја да препознаат каде е вистинскиот квалитет и зошто треба да биде изборот за ЕДС. Сепак зад нас стои 15 годишно искуство со снабдување на струја на слободни пазари, каде ако немате знаење и одлична аналитика може да направите непроценливи грешки. Токму нашето искуство ни дозволува да работиме беспрекорно за нашите клиенти и да ги задржиме нашите ветувања на високо ниво. Кога паѓа монопол, што е случај сега со либерализацијата, се појавуваат секогаш голем број на играчи, но верувајте овој бизнис треба добро да го знаете, бидејќи профитната маргина е мала, ако направите мала грешка, таа ќе ве чини многу. И тоа не само вас, туку и вашите клиенти. Затоа секоја одлука што ја носи секој менаџер треба да биде врз основа на сработеното на една компанија во овој сектор. Во тој домен слободно може да кажам дека сме без конкуренција. Единствени сме што имаме знаење, искуство и засега единствени лиценцирани брокери на берзата на струја во Унгарија. Имаме респектабилни клиенти кои со фактурите издадени последниве два месеци ја видоа разликата, заштеда од околу 25 – 30 проценти.
БИ: Што очекувате од следните фази на либерализацијата на пазарот, кога ќе се приклучат малите компании, а од следната година и домаќинствата?
Очекувањата се исти. Се надеваме дека голем број македонски мали компании ќе направат вистински пресметки која опција им е најдобра. Ние сме секогаш на располагање за сите отворени прашања. Кај нас нема скриени клаузули во договорите, нема скриени трошоци. Тоа што е ветено, тоа е и остварено. Ниедна компанија, ниту домаќинство нема да треба да прави посебни приспособувања и да има дополнителни трошоци. Компаниите кои имаат договори со ЕДС немаат потреба да вршат дополнителни инвестиции или технички прилагодувања, тоа е наша обврска и не се наплаќа дополнително. Очекуваме голема борба на пазарот, но тоа е добро. Затоа што зголемената конкуренција не носи само пониски цени, туку носи и повеќе понуди и различни понуди. Единствен проблем е што кај нас во Македонија цената на мрежарината, односно преносот на струја е речиси ист како цената на струјата. Таа мрежарина се плаќа на ЕВН дистрибуција. Тоа е исто како за автомобил да ставите 1000 денари бензин и исто толку да плаќате патарина.
БИ: Колку заштеда имаат Вашите клиенти, големите компании? Колку би можеле да заштедат малите фирми доколку го изберат ЕДС за снабдувач?
Во просек до 40% е заштедата. Кај нас внимателно се прават анализи според потребите на секој клиент поединечно. Имаме тим веќе од 100-тина луѓе кои работат на оваа проблематика. Имаме развиено мрежа на соработници во сите градови. Ние сме подготвени за овој процес што се одложуваше долго време. ЕДС нуди поинакви решенија за компаниите. Јас сум човек пред се од бизнисот и знам што му треба на секој што има бизнис. Знам како тоа да им го преточам во заштеда.
БИ: Врз основа на што се определува колку за која компанија ќе чини струјата?
Врз основа на тоа колку досега трошела, на кој принцип се снабдувала со енергија. За кусо време секоја заинтересирана компанија ќе може тоа сама да си го провери многу лесно преку платформа којашто наскоро ќе почне да функционира на нашиот интернет сајт.
БИ: Од каде Македонија најмногу увезува струја? Во регионов, кои се најголеми потрошувачи, а кои најголеми извозници?
Околу 30% од вкупната потрошувачка во Македонија се увезува и тука мислам дека има склучено долгорочни договори и не очекувам посериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија оваа зима. На Балканот има неколку клучни извори кои се најголеми извозници на електрична енергија, Бугарија е една од нив, којашто извезува околу 1000 мегавати, колку што се нашите потреби. Но, Бугарија е отворена на пазарот, па затоа останатиот дел го набавуваме од Унгарија, исто така голем и сериозен извор на струја. Унгарската берза на струја е главна берза во регионов и сите ние сме ориентирани на неа. Во листата на нашите увозници на струја ни влегуваат и Романија и Босна и Херцеговина.
Најголеми потрошувачи во регионот се Романија, која во 2012 година потроши 54.427 гигават-часови струја, по што следат Грција, Унгарија и Србија. Романија е лидер и во производството на електрична енергија и лани произведе 54.320 гигаватчасови електрична енергија. Потоа следат Грција, Бугарија и Србија.
БИ: Споредбено со регионот, како котира Македонија во однос на цената на струјата за компаниите?
Индустриските потрошувачи, односно компаниите лани плаќале по 0,118 евра по киловат-час. Според анализите споредено со регионот, во Македонија цената на струјата е за 55% поевтина од европските, а во Србија за 47%, но ако се споредат цените според куповната моќ, Србите, сепак имаат поевтина цена во однос на нас.
БИ: Сте учествувале како ментор на повеќе обуки и тренинзи. Што ги советувате младите менаџери и сопственици, како треба да се води бизнисот за да бидат успешни?
Ги учам дека не сум тука само како предавач да слушнат веќе нешто кажано, туку да научат како да заработат. Јас како млад се решив на ризик, ја ставив мојата позиција како професор во странство и сигурна плата во заден план и во преден прифатив ризик да започнам нешто свое од стара компанија којашто беше во стечај. Денес Брако е компанија на листата на најголеми извозници, а мојата Групација брои околу 650 вработени. Се е можно ако имате волја и желба да направите промена. Но таа волја не треба да остане на сон, туку преземајте ризици, не плашете се од неизвесноста, секој од нас сам ја создава својата иднина.