Презентација на можностите на програмата Хоризонт 2020 преку студии на случај

23

fond za inovacii i tehnoloski razvojВчера и денеска во Скопје, на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје со почеток од 9.30 часот, се одржа презентација на можностите на програмата Хоризонт 2020 преку студии на случај организирано од Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.

На настанот беа презентирани можностите за финасирање преку програмата од страна на д-р Петар Моѓуроши, експерт во областа на управување со иновации, соработка меѓу индустријата и истражувачката дејност, како и трансфер на технологии и советник за јакнење на капацитетите на ФИТР. Др. Моѓуроши ги претстави своите искуства во подготовка и имплементација на проекти од оваа програма преку студии на случај, со посебен фокус на инструментот наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и Fast track to innovation. Претставници од мали и средни претпријатија, од научно – истражувачки институции и универзитети беа запознаени со начинот на аплицирање и процедури за искористување на овие средства.

“Процесот преку кој се имплементира инструментот наменет за мали и средни се одвива во три фази. Првата фаза е подготовка на подготвителен план или физибилити студија, за која се добиваат околу 50.000 евра. Втората фаза се однесува на самиот развој на иновативниот продукт или технологија. Тоа е делот на истражување и развој. Се работи за финансирање од половина милион евра до пет. Третата фаза се однесува на донесување на развиениот производ до пазарот. Тука не се вклучени пари, а поддршката е преку советодавни услуги за фирмите, за секоја услуга”, изјави Д-р Петар Моѓуроши, советник за јакнење на капацитетите на ФИТР.

Целта на презентацијата беше да се запознаат заинтересираните кандидати со веќе успешни практики во подготовка и имплементација на проекти од оваа програма, со што ќе се овозможи солидна основа за идни успешни проекти.