Презентиран извештајот Зелен раст на Светска банка

19

Главните елементи на патеката на зелениот раст се протегаат низ сите сектори, со особен акцент на водите, земјоделскиот сектор, надминување на предизвиците за приспособување на менувањето на климата, енергетиката и транспортот, стои во извештајот Зелен раст на Светска банка која одбележува 20 години од работењето во Македонија.

“Главната придобивка од имплементацијата на Стратегијата, а и активната работа на Националниот совет за одржлив развој при Владата е воспоставување на општество засновано на знаења, политики кои истовремено ќе овозможат економски раст и развој, успешно прилагодување на македонското стопанство кон климатските промени, зголемување на вработеноста, задржување на макроекономската стабилност. Во исто време и заштита, унапредување и одржување на животната средина и рационално искористување на ресурсите, со цел зголемување на животниот стандард на македонските граѓани“, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

Програмата за зелен развој и климатски промени почна во 2011 година, финансирана е од Кралството Норвешка и Шведска, а поддржана е од Светска банка. Програмата зелен развој содржи секторски анализи која ги прикажува релациите меѓу енергетиката, водите, транспортот, земјоделството, социјалната димензија, урбанизам…

Во извештајот се наведува дека за неколку децении Македонија ќе биде побогата земја како Западна Европа, а едни од приоритетите за кои треба да се размислува се енергетската ефикасност, снабдување со енергија, намалување на емисијата на стакленички гасови, транспорт, урбано планирање, климатските промени, чиста вода.