Презентиран предлог енергетскиот биланс за 2013

23

Предлог енергетскиот биланс за 2013 година гласи дека догодина Македонија ќе потроши 81.897 тера џули енергија. Потрошувачката ќе порасне кај сите видови енергија и енергенти, а најмногу, во однос на минатата година, ќе порасне кај природниот гас со 27,7%. Потоа ќе следат нафтените деривати со 8.3% и геотермалната енергија со 6,9%.

“Се очекува во 2013 година да има континуирано и безбедно снабдување со енергија за сите потрошувачи. Од вкупните потреби за енергија 52,2% ќе се обезбедат од  домашни извори, а 47,8% од увоз”, информира министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната седница на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во Стопанската комора на Македонија.

Министерот додаде дека се планира вкупните потреби за електрична енергија за идната година да изнесуваат 9.028 гигават часови што е за 2,6%  повеќе во однос на годинава. Од нив 76,5% ќе се обезбедат од домашното производство, а остатокот од 23,5% ќе се обезбедат од увоз.

“Производството на електрична енергија во 2013 се очекува да биде на ниво од 6.907 гигават часови што е за 7,4% поголемо во однос на минатата година. Тоа пред се, се должи на најавеното зголемено производство на ТЕ-ТО Скопје”, рече Сарачини.

Термоцентралите, додаде министерот, ќе произведат 4.823 гигават часови или 72% од вкупната електрична енергија во државата, а се планира хидроелектраните да произведат 1.088 гигаватчасови или 15,7% од вкупното производство.

“Нето увозот на електрична енергија во 2013 година се планира да биде за 10,5% помал во однос на годинава и да изнесува 2.121 гигават часови. Причина повторно е најавеното производство на ТЕ-ТО. Загубите на електрична енергија се планира да изнесуваат 1.308 гигават часови и да бидат помали за 2,5% во однос на годинава”, потенцираше Сарачини.

Планирано е, додаде тој, потребите од природен гас да изнесуваат 309 милиони метри кубни, а се очекува и за 8,1% поголема потрошувачка на нафтени деривати и пораст на увозот на сурова нафта од 335.000 тони на 560.000 тони. Потребите од јаглен и лигнит се планирани  на ниво од 7,9 милиони тони или за 3,5% повеќе во однос на 2012 година.