Прирачник за стратегии за барање работа напишан на брајова азбука

47

Сто и педесет прирачници за стратегии за барање работа на брајова азбука од денеска ќе им бидат достапни на лицата со оштетен вид и слепите лица кои сакаат да се вработат.

“За да им помогнеме при вработувањето денеска промовираме прирачник преку кој младите луѓе со оштетен вид ќе можат да се запознаат со стратегиите за барање работа“, рече министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Во овој прирачник има информации за подготовка на кариерно портфолио, изработка на кратка биографија и мотивациско писмо, како и информации за претставување на кандидатите на интервју. Прирачникот е дел од проектот за практиканска работа и вработување на лицата со попреченост, финансиран од УСАИД.

“Нашата цел е на овие лица да им го поедноставиме процесот на барање работа, но од друга страна и да ја подигнеме свеста кај бизнис заедницата, институциите и граѓанските организации за ангажирање лица со попреченост во работниот процес со што ќе ја исполнат својата морална и општествена одговорност да помогнат во нивна интеграција во социјалната средина и во јакнењето на нивната економска самостојност“, рече Ристовски.

Директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн, рече дек на вработувањето лица со попреченост не треба да се гледа како на милостина, туку како на прашање на човекови права.

“Вработувањето на лица со попреченост не е прашање на милостина, туку прашање на човекови права. Мора да запаметиме дека лицата со попреченост се лица со многу способности и треба да ги имаат истите можности како и секој друг граѓанин. Нашиот проект се залага за обезбедување на тие можности“, изјави Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија“, рече Стајн.

Прирачникот ќе биде достапен во училиштето за лица со оштетен вид и слепи лица Димитар Влахов и во Националниот сојуз за слепи лица.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Проектот им помага на лицата со попреченост да се вклучат во општеството преку подобрување на нивните вештини за вработување со обуки за пишување на резиме и подготовка за интервју за работа, им нуди можности за практикантско ангажирање, како и работилници за како да започнат и да водат сопствен бизнис.

Досега, преку Проектот се обучени 232 лица со попреченост на тема Стратегии за барање работа, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 130 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост, а вработени се 57 лица со попреченост.