Пристигнува првата група туристи од Бенелукс во Охрид

27

На охридскиот аеродром денеска се очекува да пристигне првата група туристи од земјите на Бенелукс. Првите туристи ќе пристигнат со чартер лет од Амстердам. Станува збор за туристи кои ќе летуваат тука преку аранжманите што ги нуди тур – операторот Корендон, заедно со нивниот македонски партнер Фибула Травел, пишува Миа.

Според најавите на домашните ин-каминг агенции, на 10 мај во Охрид ќе треба да пристигне и првата група туристи од Бенелукс преку аранжманите на туроператорот ТУИ Аркетравел.

Инаку, податоците на туроператорите за летувањето во сезоната 2015 укажуваат на зголемување на интересот за летувањата во Македонија, со зголемена продажба на аранжманите за Охрид за околу 30%, споредено со истиот период минатата година.

Предвидено е оваа сезона двата тур – оператори да оперираат со по три чартер лета седмично, но со отворена можност да се воведат и четврти летови на двата тур – оператори доколку се задржи високиот интерес на туристите од тој дел на Европа за летување во Македонија.

Последните туристи од земјите на Бенелукс ќе заминат од Македонија некаде кон средината на октомври. Проценките на Корендон и на ТУИ се дека во текот на летната сезона 2015 на Охридската ривиера и во Македонија ќе летуваат некаде околу 25.000 туристи од Холандија, Белгија и Луксембург.