Приватни летови – единствен спас за патување во услови на пандемија

33

Авиокомпаниите почнаа да ги откажуваат летовите на линиите со Велика Британија, бидејќи земјата влегува во целосен карантин поради пандемијата. Капацитетите на авиокомпаниите, исто така, се предвидува да се намалат за околу 70%, пишува Блумберг.

Од друга страна, операторите на приватни авиони имаат огромен пораст на резервациите бидејќи многу богаташи решаваат да заминат на некое подобро место додека нивната земја се затвора поради пандемијата.

Тие најчесто избираат егзотични дестинации каде што можат да уживаат, да продолжат со секојдневните активности и да бидат далеку од жариштата на Ковид-19. Па така, Air Partner Plc, компанија што оперира со приватни авиони бележи нагло зголемување на резервации од Велика Британија кон Канарските острови.

“Почнавме да примаме и резервации на приватни авиони за декември, бидејќи патниците сакаат да бидат сигурни дека ќе патуваат за време на празниците и за кога се надеваме дека ограничувањата ќе бидат укинати“, велат од авиокомпанијата.

На почетокот на јули, кај комерцијалните летови има пад од 74%, додека кај приватните авио компании е регистриран пораст од 5%, анализира консултантската компанија Argus. Како главна причина поради којашто луѓето се решаваат за лет со приватен авион е поголема сигурност и помала веројатност за заразување, иако многу анализи покажале дека шансите да се зарази некој со Ковид-19 во авион се минимални.

Инаку, Велика Британија воведува забрана за патувања што ќе трае до почетокот на декември.

Авиоиндустријата е еден од секторите што буквално “падна на колена“ поради пандемијата, ги почувствува силните последици од кризата, поради што се затворени стотици илјади работни места, приземјени се стотици авиони, а многу од нив решаваат да го распродадат имотот што го имаат.

Фото: Pixabay