Приватните трансфери да се конвертираат во конкретни инвестиции

26

Цел ни е и приватните трансфери од странство во државава да се конвертираат во конкретни инвестиции со што ќе се отворат повеќе работни места. Ова денеска во Тетово го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини на конференцијата Дијаспора Инвест, организирана од општина Тетово, Стопанската комора на северозападна Македонија и УСАИД.
“Првиот факт е тоа што имаме потпишано договори за слободна трговија со сите земји во Европа, па на инвеститорите, односно компаните што ќе работат кај нас им се отвора пазар од 650 милиони жители. Најважен момент е тоа што Македонија го има најдобриот даночен пакет не само во регионот, туку и во Европа, за што имаме добиено признанија од повеќе релевантни меѓународни финансиски институции како Светска банка, Херитиџ и слично, што потврдува дека имаме нашите политики за привлекување на инвестиции одат во добра насока”, изјави Сарачини.
Министерот Сарачини ги посочи официјалните статистички податоци според кои во 2012 година приватните трансфери од странство во државава изнесувале околу 1,6 милијарди евра или 20% од бруто домашниот производ.
“Овие приватни трансфери се за 8% до 10% поголеми од директните странски инвестиции и целта е тие да се конверираат во конкретни инвестиции со што ќе се отворат повеќе работни места, што пак ќе донесе и поголем економски развој. Министерството за економија со Агенцијата за странски иневстиции, општините и стопанските комори ќе продолжат да работат во оваа насока и очекувам во следниот период и официјализирање на вакви инвестиции од дијаспората во тетовскиот регион”, рече Сарачини.
Според градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, ова е добар почеток за реализација на идејата од пред неколку месеци за отворање на канцеларија за врски со дијаспората.
“Оваа канцеларија ќе се реализира со поддршка на локалните самоуправи од Полог, како и од меѓународните организации како што е УСАИД. Со неа би се овозможило бизнисите од дијаспората да имаат повеќе информации од овде и да се зголеми нивниот интерес за инвестирање тука. Во регионот има многу успешни приказни и ние сакаме да го дадеме својот придонес за враќање на инвеститорите што потекнуваат оттука”, рече Арифи.
Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, во соработка на локалната и централната власт треба да се врати довербата на инвеститорите од дијаспората во институциите, како и да се направат напори за организиран пристап во нивното привлекување за инвестирање во татковината.