Продолжен рокот за доставување на елаборати и легализација на тераси до 2015 година

25

Рокот за достава на елаборати за легализација на дивоизградени објекти се продолжува до 31 декември 2015 година, а предвидено е да биде продолжен и рокот за легализација на тераси пренаменети во станбен простор до 30 јуни 2015 година. Ова се дел од измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
Од Владата на Република Македонија информираат дека измените се направени по направените анализи и консултации со граѓаните и геодетските фирми.
Анализите покажале дека геодетските компании поради нивната бројност од една страна и опфатот кој треба да го покријат од друга страна нема да бидат во можност да ги задоволат сите потреби и интереси на граѓаните.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, осврнувајќи се на продолжувањето на рокот за легализација на тераси, напомена дека тоа ќе важи за оние доградби кои се изградени до 3 март 2011 година.
“Се работи за доградби со намена домување и тоа тераси и тераси пренаменети во станбен простор. За овие категории се дава дополнителен рок до 30 јуни 2015 година за поднесување барање за утврдување правен статус, меѓутоа тие треба да се изградени до 3 март 2011 година”, потенцира министерот Јанакиески.
Оваа измена во законот, појасни Јанакиески, се прави со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои ќе може да ги легализираат доградбите по едно евро за квадрат.
“Голем број граѓани поради висината на надоместокот кој претходно беше утврден не поднесоа барање до општините. Со ова им се овозможува на граѓаните за сите тераси и тераси пренаменети во станбен простор да можат дополнително да поднесат барање и геодетски елаборати до 30 јуни 2015 година. Надоместокот ќе биде по едно евро за метар квадратен”, истакна Јанакиески.
Освен овие две новини, со измените на Законот ќе се допрецизира и постапката за легализација на подземната инфраструктура.
Досега во државата се легализирани околу 90.000 дивоизградени објекти од вкупно поднесените 350.000 барања за легализација.