Продолжува проектот Отворени социјални денови во руралните средини

18

Проектот Отворени социјални денови во руралните средини ќе продолжи да се реализира и периодот од септември до ноември годинава, соопшти денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

„Планирано е да се опфатат нови рурални средини и повторно да се посетат оние каде што има потреба. Во однос на претходно посетените рурални средини, ќе се предвиди повторна посета со цел да се провери состојбата на евидентираните лица и семејства во социјален ризик, но и ќе се обезбедат соодветни донации во облека, храна и хигиенски производи. Во однос на претходно евидентираните случаи на потреба од социјална заштита, центрите за социјална работа спроведуваат континуиран систем на следење на постапките за остварување на правата и услугите од социјална заштита”, рече Спасов.

Целта на проектот Отворени социјални денови е Министерството непосредно да допре до што е можно повеќе оддалечени и тешко пристапни населени места ширум нашата држава.

Проектот се реализираше во две етапи и тоа во периодот септември-ноември 2013 година и февруари-јули 2014 година.