Продолжува рокот за легализација на дивоградби

24

gradezen-plan-i-moliv-pexels

Фото: Pexels

Од денеска повторно може да се поднесуваат барања за легализација на дивоградби, откако стапија во сила последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти, усвоени од Собранието на 22-ри минатиот месец, јавува Миа.

Дополнителниот рок за поднесување барање за легализација е до крај на годинава, а со законските измени се овозможи дополнителен рок и за комплетирање на документацијата, што ќе може да се направи до крајот на јуни годинава.

Услов за легализација на објектот е тој да бил изграден заклучно со трти март 2011 година, како што се предвидуваше и со првото законско решение за оваа намена.  Барањата се поднесуваат до општините, каде се приложува платена сметка за струја или вода, по што процедурата предвидува и доставување геодетски елаборат.

На почетокот на процесот на легализација на бесправно изградени објекти, од март до септември 2011 година, беа доставени над 360.000 барања. Во дополнителниот рок, пак, што беше овозможен на почетокот на 2016 година, беа поднесени уште 80.000 барања.

Последните објавени податоци од надлежните институции покажуваат дека досега се легализирани 40-тина проценти од објектите за кои беа поднесени барања, односно 186.000 објекти се стекнале со правен статус и се впишани  во катастарот.