Продолжување на туристичката сезона за турските туристи во земјава

33

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) од петти до седми декември го промовира македонскиот туризам на еден од најзначајните туристички пазари за македонското туристичко стопанство. На саемот за туризам Travel Turkey Izmir заедно со АППТ учество земаа и коегзибиторите: туристичка агенција Бадемтур Балкан, Хотел Њу Стар, ДМЦ Балканс и Хотел Меркур од Тетово, стои во соопштението.

Македонскиот штанд го посети амбасадорот Звонко Муцунски, од Амбасада на Република Северна Македонија во Анкара. Директорот Љупчо Јаневски оствари средби со градоначалникот на Измир, Тунч Сојер, и гувернерот на Измир, Ерол Ајлдис. На средбата со ТУРСАБ се разговараше за продолжување на успешната соработка која ја имавме оваа година со организирање на информативни патувања и најави за отпочнување на нови летови.

Од туроператорите се најавени два до три чартери неделно од Измир до Скопје и Измир – Охрид со аранжмани за повеќе денови, со што се очекува да се зголеми бројот на ноќевања и просечен престој на турските туристи во нашава земја. Во фокус е продолжување на сезоната, а најавени се четири чартери неделно од мај до октомври. Точки на интерес за турските посетители остануваат културата, традицијата, историјата, Охрид, Скопје и сè повеќе Националните паркови. Претставниците од АППТ остваруваат средби со туроператори од Турција, Кина, Малезија, Хрватска, Иран, Канада и Индија, со што се зголемува радиусот на интерес од различни туристички пазари.

Директорот Јаневски генерално очекува добра сезона кога е турскиот пазар во прашање со скок од 5% до 7% во 2020 година.

Саемот за туризам во Измир, Турција TRAVEL TURKEY İzmir е еден од водечките туристички настани во Турција, којшто го соединува туристичкиот сектор на национално и меѓународно ниво секоја година. На TRAVEL TURKEY İzmir со свој простор присутни се повеќе од 1.200 изложувачи од 43 земји, 88 меѓународни изложувачи и се очекува посетеност од 44.022 туристички професионалци. Саемската манифестација секоја година има одлична медиумска покриеност со што на изложувачите им се овозможува зајакнување на  врските со странските пазари,  во насока на постигнување на бизнис целите.