Проект “Лидер“: Обука за бизнис и претприемништво

28

Сојузот на стопански комори (ССК) во соработка со Македонија 2025 и Бизнис школата Ричард Ајви од Торонто, Канада, организира ексклузивни обуки по бизнис и претприемништво во рамки на “Лидер“ проектот.

Целта е македонските претприемачи и менаџери да ги усовршат своите бизнис и претприемнички вештини по теркот на познатите методи на Ричард Ајви.

За време на обуките, кои почнуваат денеска и ќе траат до 16-ти мај, учесниците, преку реални примери и вежби ќе се запознат со корисни алатки, шеми и процеси на стратегиско размислување.

Според организаторите, преку овие обуки учесниците значително ќе ги усовршат своите познавања во делот на стратегиско планирање и одлучување, подготовка на конкретни бизнис и маркетинг планови, анализи, финансиски текови…

Обуките за бизнис и претприемништво “Лидер 2014“ денеска ќе ги отворат извршниот директор на ССК Митко Алексов, Зоран Мартиновски, менаџер за Македонија и Црна гора на Светска Банка – ИФЦ, член на Управен одбор и претседател на комитетот за образование во рамки на Македонија 2025, како и претставник од Бизнис школата Ричард Ајви.

Ќе се одржуваат секој работен ден од 10 до 14 часот во М6 Едукативниот Центар во Скопје. По овој термин ќе следуваат индивидуални консултации и посети на компаниите во согласност со интересот на учесниците.

“Лидер“ обуките по бизнис и претприемништво се единствени од ваков тип во Македонија бидејќи претставуваат комбинација од интерактивни сесии и дополнителни индивидуални посети од страна на обучувачите на секоја од компаниите кои учествуваат на обуката со што компаниите си обезбедуваат стратегиски советник за целото времетраење на обуките за тоа како да ја зголемат нивната продуктивност и ефикасност или во дел од компанијата за кој имаат потреба за подобрување на деловното работење.

Нивната мисија е да развијат бизнис лидери кои мислат стратегиски и на глобално ниво, со цел да направат значителен придонес во бизнис средината во која делуваат.