Проект за ажурирање на податоците – Со доверба до подобра услуга

19

Дирекцијата за заштита на лични податоци, Балкан енегџи груп (БЕГ), ЕВН Македонија, ЈП Водовод и канализација, како и ЈРП Македонска радио телевизија, започнаа заеднички проект за ажурирање на податоците на своите корисници кој ќе се одвива под мотото Со доверба до подобра услуга.
Личните податоци треба првично да бидат обработувани во согласоност со Законот за заштита на лични податоци и да бидат соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите поради кои се собираат и обработуваат. За таа цел, на граѓаните заедно со сметките ќе им биде доставен формулар, кој потоа ќе треба да го достават до еден од пунктовите на ЕВН Македонија, ЈП Водовод и канализација или БЕГ.
Компаниите кои ги обезбедуваат личните податоци се одговорни за нивната обработка, за податоците и за роковите на нивното чување, а граѓаните можат да се информираат за своите обврски во Дирекцијата за заштита на лични податоци.
Елена Стојановска, советник за меѓународна соработка и односи со јавноста на Дирекцијата за заштита на лични податоци, истакна дека идејата за ваков заеднички проект доаѓа од самата Дирекција, бидејќи во изминатиот период било забележано дека претпријатијата имаат неажурирани податоци.
“Одлучивме заеднички да излеземе со една кампања со која ќе им се објасни на граѓаните кои се нивните обврски и секако дека и ние имаме обврска да ги информираме за сите законски измени. Но, исто така и да им ги објасниме на граѓаните обврските на јавните претпријатија за чување на нивните лични податоци”, рече Стојановска.
Таа додаде дека со сметките за струја, парно и вода, граѓаните ќе добиваат формулари преку кои ќе се ажурираат нивните лични податоци.
“Крајот на оваа кампања е предвиден да биде во март, а дотогаш ќе имаме сумирани податоци и ќе можеме да кажеме колку сме биле успешни и колку реалните бази на овие претпријатија се ажурирани”, додаде Стојановска.
Стојановска објасни и дека ажурирањето нема да може да се одвива по електронски пат.
“Ажурирањето нема да може да се одвива по електронски бидејќи не препорачуваме единствениот матичен број да се внесува по електронски пат. Затоа апелираме да се пополнуваат формуларите кои ќе бидат доставени со сметките и да се достават до еден од наплатните пунктови и на претпријатијата”, посочи Стојановска.
Стојановска информираше дека некои од граѓаните ќе добијат и по три формулари, но тоа не значи дека треба сите три да ги пополнат и да ги достават до пунктовите, доволно е да полонат само еден за да не дојде до повторување на податоците. Таа објасни дека во формуларите ќе има три полиња во кои треба да бидат внесени корисничките броеви на секое од овие јавни претпријатија, како за струја на броилото од ЕВН, на броилото за вода од ЈП Водовод и канализација и шифрата на корисник за топлинска енергија.
“Онаму каде шифрата ќе биде празна ќе се претпоставува дека корисникот не е корисник на конкретна јавна услуга, така што при размената на податоци ќе се води сметка за тоа кои податоци ќе бидат предмет на размена, а кои воопшто нема да бидат предмет на размена”, рече Стојановска.