
Употребата од фосилни горива за производство на електрична енергија во Европската унија е намалена за 17 отсто во првата половина на 2023 година во споредба со истиот период минатата година, се наведува во студијата објавена во средата.
Португалија, Австрија, Бугарија, Естонија и Финска забележаа намалувања за повеќе од 30 отсто, според студијата на енергетскиот тинк-тенк Ember. Во други 11 земји-членки на ЕУ, производството на електрична енергија од фосилни горива е намалено за повеќе од 20 проценти.
Европската унија произведе само 33 отсто од електричната енергија од фосилни горива во првата половина од оваа година, што е најмалку од 1990 година, се наведува во истражувањето. Ова е главно последица на високите цени на јагленот и гасот, намалената побарувачка и проширувањето на производството на обновливи извори на енергија, според тинк-тенкот.
Производството на сончева енергија во ЕУ се зголемило за 13 отсто во првата половина на 2023 година во однос на истиот период минатата година, додека производството на ветер е зголемено за 4,8 отсто.
Но, Мет Евен, аналитичар во Ember, смета дека ова е недоволно. „Треба да видиме чиста енергија што побрзо ги заменува фосилните горива. Итно е потребен огромен поттик, особено во однос на сончевата енергија и ветерот, со цел да се поддржи отпорната економија низ Европа“, рече тој.