
Македонски Телеком објави значајни кадровски промени во највисоките управувачки структури на компанијата, согласно информацијата објавена по вонредниот состанок на Одборот на директори, одржан на 10 јуни 2025 година.
За нов претседател на Одборот на директори (ОД) е избран г-дин Сашо Димитријоски, кој досега беше неизвршен член на Одборот. Тој ја презема функцијата со важност од 10 јуни 2025 година.
Воедно, компанијата информира дека мандатот на актуелниот главен извршен директор, г-дин Никола Љушев, истекува на 30 јуни 2025 година, по што тој повеќе нема да ја извршува оваа оперативна функција. Сепак, Љушев ќе остане дел од Одборот на директори како неизвршен член.
Од 1 јули 2025 година, нов главен извршен директор на Македонски Телеком ќе биде г-дин Горан Марковиќ, државјанин на Република Црна Гора. Тој е именуван за извршен член на Одборот и ќе ја врши оваа функција со мандат до 31 мај 2029 година.
Горан Марковиќ ќе стапи на позицијата Главен извршен директор на Македонски Телеком од 1 јули 2025 година. Тој е менаџер со богато искуство, со повеќе од 20 години на лидерски позиции во телекомуникациската индустрија, стекнато на различни меѓународни пазари. Во текот на својата кариера, Горан бил на високи раководни позиции во две од водечките интернационални компании во индустријата – Групацијата Дојче Телеком и Групацијата Теленор.
Кариерата ја градел извршувајќи различни одговорни функции, од раководење со национални деловни единици до стратешки функции и членство во управни одбори. Сето ова му овозможува широка перспектива врз оперативните, комерцијалните и корпоративните аспекти на деловното работење. Тој е докажан професионалец и во управување со програми и иницијативи за оперативна трансформација со конкретни и мерливи резултати.
Марковиќ има искуство во повеќе комерцијални области, вклучувајќи маркетинг, комуникации, бренд-менаџмент и продажба, и експертиза во водење на деловни трансформации, и остварување одржлив раст.
Марковиќ доаѓа во Македонски Телеком од T-Mobile Полска, каде што од 2020 година бил на позицијата Главен комерцијален директор и Член на Одборот, постигнувајќи позитивен пресврт во комерцијалните резултати и подобрувања во оперативната ефикасност.
Тој се стекнал со диплома по применети компјутерски науки на Универзитетот на Црна Гора и диплома по менаџмент и бизнис администрација на Универзитетот „Шефилд“ и има завршено неколку врвни меѓународни програми за лидерство.
Неговата обемна експертиза, ефикасно лидерство и докажана репутација во реализацијата на резултати и стратегии за раст ќе бидат клучни за компанијата да ја задржи својата водечка позиција во дигиталната трансформација на македонското општество.
Неговиот претходник, Никола Љушев, по седум години на позицијата Главен извршен директор, презема нова улога во Групацијата Дојче Телеком на проект за стратешка и оперативна трансформација на мрежата на Телеком за Европа.
Под негово водство, Македонски Телеком се трансформираше во компанија од дигиталната ера следејќи стратегија на пионерство во 5G, оптички мрежи и извонредно дигитално корисничко искуство.
Од неговото доаѓање во 2018 година, компанијата направи позитивен пресврт во оперативните резултати, со континуиран раст на приходите, проширување на базата на корисници, како и зголемена профитабилност и дивиденди за акционерите.
Фото: Македонски Телеком











