Прометот на берзата во јуни со пораст од над 128%

17

Прометот на Македонска берза во јуни достигна 731.596.678 денари што е пораст од 128,77% во однос на претходниот месец, кога прометот беше на ниво од 391.797.251 денари, покажува месечниот статистички билтен, објавен на Македонска берза.

Во текот на минатиот месец, пазарната капитализација на берзата забележа намалување за 1,45% и се позиционираше на 93.210.466.647 денари, додека кај бројот на трансакции е забележан пад од 24,08%.

Најтргувани акции во текот на минатиот месец на официјалниот пазар се оние на Комерцијална банка со вкупно 384 трансакции или 55,06% учество во вкупниот промет. Следни се хартиите од вредност на Алкалоид со 162 трансакции или 22,29% од вкупниот промет во мај, а на трето место со само две трансакции или 6,63% учество во прометот се хартиите од вредност на Агро Куманово од Куманово.

Акциите на НЛБ Тутунска банка забележаа најголем пораст на вредноста и тоа за 8,23%, потоа следат хартиите од вредност на Агро Куманово со скок од 6,53% и зад нив оние на земјоделскиот комбинат Битола со пораст од 3%.

Акциите на Лотарија на Македонија забележаа најголем пад во мај од 28,57%, потоа следат хартиите од вредност на Хотели Макпетрол, кои завршија со 22,70% во минус. Акциите на Макпетрол забележаа намалување на нивната вредност од 16,52%.