Промовиран Националниот геопортал на Македонија

24

Македонија го доби првиот Национален геопортал, преку кој сите државни институции ќе ги разменуваат таканаречените просторни податоци, што ќе ја направи постапката поефикасна, пишува Миа.

Податоците, изработени согласно европските стандарди, се достапни и за граѓаните, а може да ги користат и приватните компании за свои потреби и за создавање нови производи со додадена вредност во комерцијални цели.

Геопорталот содржи податоци од Катастарот за државната граница, статистичките региони, населените места, единиците на локалната самоуправа и дигиталниот модел на терен, како и податоци за националните паркови од Министерството за животна средина, за староста на населението од Државниот завод за статистика и за потенцијалните точки – извори на пожари, односно мапа на сувост на шуми од Центарот за управување со кризи.

Порталот е јавно достапен на интернет страницата на Катастарот, http://nipp.katastar.gov.mk. Неговото изготвување произлезе од Законот за национална инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија, донесен во февруари 2014 година кој, како што нагласи вицепремиерот Пешевски, е современо решение во кое се транспонирани 65% од задолжителните одредби на европската директива. Ова, подвлече вицепремиерот, јасно ја покажува определбата на Владата за хармонизација на националните геопросторни податоци со податоците од земјите членки на ЕУ.