Просечната бруто плата по вработен во аутсорсинг индустријата била 13.196 евра годишно во 2018-та, вкупниот износ на платени даноци за 2018 година изнесувал 6,7 милиони евра, а профитната маргина за 2018 година е 8,8%.
Аутсорсинг индустријата во земјава до 2022 година се очекува да надмине 15.000 вработени, што е три пати повеќе од 2018 година, кога вработувала 5.713 лица. Платите во оваа дејност изнесуваат 717 евра и се 82% повисоки од државниот просек. Растот им е 14,9% на годишно ниво или тројно повеќе од растот на просекот, пренесува МИА.
Според Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), аутсорсингот се зголемува значително побрзо од домашната економија и до 2022 година неговите приходи ќе се приближат до 288 милиони евра, а со оглед дека најмногу бара правници, економисти и јазичари, може да апсорбира голем дел од невработените во овие струки.
Но, и покрај ваквите перформанси, аутсорсинг индустријата кај нас сè уште не е препознаена и за неа нема законска регулатива.
“Аутсорсинг индустријата е една од најбрзо растечките во земјава, со двоцифрен раст на вработувањата во секоја од последните пет години и се развива како една од најветувачките индустрии во националната економија. Бројот на вработени кои работат во 187 компании изнесува 5.713, што е 0,6% од вкупниот број вработени во економијата. Тоа е за 1.174 луѓе повеќе од 2017 година, а се очекува бројката да достигне 15.000 вработени во 2022 година. Технологијата напредува брзо, а со самиот развој на технологијата, расте и потребата од соодветна економска промена, развој на видовите услуги и потребата услужната индустрија да биде препознаена од државата, односно да биде вметната во постојната регулатива. Сепак, кога зборуваме за процесот на извоз на услуги, зборуваме за доходовна индустрија, која има голема иднина, не само кај нас, туку генерално гледано, на ниво на регионот на ЈИЕ, а и Европа“, вели извршната директорка на МАСИТ, Анита Никова, пренесува МИА.
Аутсорсингот учествува со 2,9% од вкупните трошоци за вработени во економијата за 2018 година што е голем удел, земајќи предвид дека се остварува со само 0,6% од вкупниот број вработени во економијата.
Најбрзо растечки сегмент во аутсорсинг-индустријата моментно се компаниите кои вршат аутсорсинг на ИТ-услуги (ITO), компаниите за услуги поврзани со човечките ресурси и т.н. кол-центри (VBPO). Сепак, како што нагласува Никова, има уште многу потенцијал за ширење во областите на правен и економски аутсорсинг, LBPO (Legal) и FBPO (Financial).
Високото ниво на јазични вештини кај работната сила во Северна Македонија, како што се наведува, е една од најважните конкурентни предности во однос на земјите од регионот.
Интересен е податокот дека дипломирани млади луѓе подобни за работа во аутсорсинг индустријата лани биле само 3.141 или 5,5% од вкупно запишаните. Од друга страна, повеќе од 5.000 македонски студенти тековно студираат во 36 земји во странство, во Турција, Словенија, Бугарија, Италија, Австрија и САД.
Македонските аутсорсинг компании оперираат на пазарите во САД, Германија, Обединето Кралство, Канада, во земјите со силна македонска дијаспора Шведска и Австралија, како и во земјите од регионот Бугарија, Србија, Албанија и Турција. Најголемиот потенцијал како извозни дестинации се скандинавските и земјите со англиско говорно подрачје.
Повеќе од 80% од аутсорсинг компаниите, како што се наведува, се со седиште во Скопје, а остатокот се во Битола, Тетово, Прилеп и Струмица.
Фото: Pexels