Просечната камата на вкупните кредити одобрени на компаниите во април беше 4,01%

31

Во април, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 4,01%, по остварен месечен пад од 0,07 процентни поени. Месечниот пад е резултат на намалувањето на сите компоненти, и тоа: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,13 процентни поени), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,07 процентни поени) и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,06 процентни поени). Анализирано на годишно ниво, оваа каматна стапка е пониска за 0,51 процентни поени.

Априлската каматна стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,66% и е намалена за 0,13 процентни поени на месечно ниво. Падот произлегува од пониските каматни стапки на кредитите во денари со и без валутна клаузула (за 0,20 и 0,18 процентни поени, соодветно), при забележан раст кај каматната стапка на кредитите во странска валута (за 0,31 процентни поени). Во споредба со април претходната година, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,65 процентни поени.

Овој месец, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 1,28% и бележи месечен раст од 0,04 процентни поени. Растот се должи на зголемувањето на сите компоненти на оваа категорија: каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,02 процентни поени) и каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,01 процентни поени, соодветно). Споредено на годишно ниво, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,42 процентни поени.

Во април, каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор се зголеми за 0,17 процентни поени во споредба со претходниот месец и изнесува 0,37%. Нагорната промена е резултат на растот на сите компоненти на оваа каматна стапка, и тоа: каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,21 и 0,12 процентни поени) и каматната стапка на депозитите во странска валута (за 0,09 процентни поени). На годишна основа, оваа каматна стапка бележи пад од 0,65 процентни поени.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во април 2020 година, изнесува 4,86%, со што продолжи трендот на нејзин месечен и годишен пад, од 0,03 процентни поени и 0,37 процентни поени, соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 1,11% и е непроменета на месечна основа, додека на годишна основа е намалена за 0,30 процентни поени.

Во април, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 3,77% и бележи пад од 0,35 и 0.94 процентни поени на месечна и годишна основа, соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити оствари месечен раст од 0,07 процентни поени изнесува 0,61%, додека споредено на годишна основа оваа каматна стапка е пониска за 0,66 процентни поени.

Фото: Freepik