Просечната потрошувачка на енергија на Македонија и Албанија 4 пати поголема од просекот на ЕУ

9

Македонија и Албанија трошат речиси двојно повеќе енергија од европскиот просек, соопшти локалната Агенција за развој од Струга. Просечната потрошувачка на електрична енергија по домаќинство во двете земји е четири пати поголема од просекот на Европската унија.
По повод Светскиот ден на енергетска ефиксаност, а во рамки на проектот Сино и зелено наспроти црно и сиво, Агенцијата за развој од Струга смета дека ни е потребна поширока акција за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија. Воведувањето енергетската ефикасност и поголемото искористување на обновливите извори на енергија, според нив, придонесува кон остварување на позитивни финансиски ефекти и зачувување на животната средина.
“Токму енергетската ефикасност значи намалување на енергетската потрошувачка, без притоа да се наруши комфорот на животот и работата на населението. Едно од решенијата е и инвестирање во обновливите извори на енергија. Обновливите извори на енергија, кои се лесно достапни во руралните области и се целна група на нашиот проект, во најголема мера се неискористени и најчесто претставуваат отпад од самиот процес на производство”, соопшти Агенцијата.
Инвестирањето во нови технологии, како што е наведено, ќе придонесе за нивно искористување, со што ќе се зголеми производството, ќе се создадат нови работни места и ќе се обезбеди социјална сигурност.
Проектот Сино и зелено наспроти црно и сиво го реализираат Локалната Агенција за развој од Струга во соработка со EuroPartners Development и Eco Partners for Systainable Development од Албанија, во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија – Албанија.