Прва седница на Чешко-македонскиот комитет за економската соработка

24

Во главниот град на Чешка денес и утре се одржува Првата сесија на Заедничкиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република.

Комитетот има за цел да ја интензивира бизнис соработката меѓу двете земји и ги дефинира понатамошните чекори за промоција на трговијата и инвестициите, пишува МИА.

Имено, експертите од двете држави ќе разговараат во рамки на три работни групи. Ќе бидат презентирани македонските можности за инвестирање во делот на енергетиката, минералните суровини, транспортот, како и во областа на земјоделството, заштитата на животната средина и туризмот.

Исто така ќе стане збор и за интензивирање на трговијата и инвестициите на мали и средни претпријатија.

Податоците велат дека размената меѓу Македонија и Чешка константно бележи зголемување, особено извозот од македонска страна во Чешка.

Особено значајна се смета соработката во енергетскиот сектор, односно обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата и фотоволтаична енергија, како и геотермалните технологии.

Посебен интерес постои за зајакнување на економската соработка во секторот рударство, металната и електро-индустријата, автомобилската, хемиската и прехранбената индустрија и руралниот развој.

Во рамки на состанокот во Прага, копретседавачите на двете делегации, заменик-министерот за економија Христијан Делев од македонска страна и чешкиот заменик-министер за индустрија и трговија Милан Ховорка ќе потпишат Протокол во кој ќе бидат утврдени насоките на идната економска соработка меѓу Македонија и Чешка.