Прва странска инвестиција во Куршумлија

33

Фото: Pixabay

Израелската компанија Wood feel од октомври оваа година ќе отпочне со производсто на мебел во српскиот град Куршумлија, што претставува прва странска инвестиција во тој град, пишува BizLife.

Мебелот ќе се произведува за светскиот пазар и во соработка со познатиот српски бренд Simpo ŠIK, којшто за потребите на изреалците ќе произведува шперт плочи од ореово дрво.

Во фабриката ќе се користи најсовремена технологија за производство на мебел, а согласно планот во следниов период ќе треба да биде преадаптирана некогашната конфекција 7 Јули за производствен погон на новата фабрика.

Се очекува да бидат ангажирани околу стотина работници, кои претходно ќе поминат и соодветна обука во Израел, а според плановите на компанијата веќе постои развоен план за континуирано вработување и зголемување на капацитетот на фабриката.

Првите парчиња мебел од српскиот погон на Wood feel ќе бидат претставени на Саемот за мебел во САД.

Оваа инвестиција има големо влијание од социјален аспект врз малото српско гратче, каде што невработеноста е околу 30%, и каде по затварањето на конфекцијата 7 Јули, околу 200 луѓе се редовни корисници на социјална помош и услугите на народната кујна.