Првата европска фабрика за електрични автомобили на Ford се отвори во Келн

15

Американскиот производител на автомобили Ford ја отвори својата прва европска фабрика за електрични автомобили во германскиот град Келн, а почетокот на производството се очекува до крајот на годината, пренесe Seebiz.

Компанијата инвестираше две милијарди долари во фабриката. Сега работат на прототипови. Капацитетот на фабриката ќе биде 250.000 електрични автомобили годишно.

„ЕВ Центарот во Келн ќе биде првата фабрика за склопување на Ford без јаглерод што ќе се отвори на глобално ниво и ги поддржува напорите на компанијата да постигне глобална нула емисија на јаглерод до 2035 година“, се вели во соопштението на компанијата.

Бил Форд, извршниот претседател на компанијата, го нарече центарот „почеток на новата генерација на чисто производство и електрични возила во Европа“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја пофали инвестицијата како добра вест за Келн и за производството на автомобили во Германија. Хендрик Вуст, шеф на покраината Северна Рајна-Вестфалија каде се наоѓа Келн, исто така, го пофали овој потег.

Ford е под притисок бидејќи автомобилската компанија го загуби теренот во европскиот бизнис со патнички возила. Производството на електрични возила беше одложено.

Неодамна, раководството објави дека делови од одделот за развој во Келн ќе бидат преместени во САД и дека персоналот ќе биде отпуштен. Во фабриката во Келн, каде Ford е присутен од 1930 година, ќе бидат отпуштени 2.300 од сегашните 14.000 вработени.

Сепак, инвестициите во електрични возила имаат за цел да стават до знаење дека оваа локација ќе продолжи да игра важна улога за американската компанија.