Првиот човек на Хипо Алпе Адриа банка поднесе оставка

29

Gottwald KranebitterИзвршниот директор на австриската Хипо Алпе Адриа банка, Готвалд Кранебитер, поднесе неотповиклива оставка, само три дена откако Австрија и поднесе на Европската комисија нов предлог за реструктуирање.

Во писмото што Кранебитер им го испрати на вработените објаснува зошто заминува, дека некои загуби можеле да се избегнат, дека ќе остане да работи се додека не се заврши полугодишниот извештај и дека “заминува, а не бега”.

Неговата одлука ја изненади јавноста, а министерката за финансии Мариа Фектер потврди дека за неговата оставка не била претходно известена.

Менаџерскиот договор на Кранебитер требаше да истече во 2016 година. Банката пред еден месец ја напушти и претседателот на Управата, Јоханес Дитц, кој поднесе оставка затоа што не се согласуваше со предлогот за реструктуирање.

Европската комисија последните неколку месеци го засили притисокот на владата во Виена да го забрза процесот на реорганизација на банката, во која од крајот на 2008 до крајот на 2012 година се инјектирани вкупно 2,2 милијарди евра државна помош, а годинава ќе добие дополнителни 700 милиони евра.

Еврокомесарот за заштита на пазарна конкуренција, Јоакин Алмуња, пред неколку месеци и порача на австриската влада дека на банката и е потребна реорганизација, контролирана ликвидација или план за контролирано гасење. Европската комисија им се закани на банкарите во Хипо група и на Австрија дека ќе наложи нејзино затворање, доколку надлежните органи во Виена итно не поднесат во Брисел план за реструктуирање на презадолжената банкарска групација. Според дефиницијата на ЕУ, успешно реструктуирање на Хипо подразбира итна продажба на осум Хипо банки во југоисточна Европа, главно на Балканот.