Првите патници од Лондон, преку Wizz Air, слетаа во Охрид

19

Првиот авион на нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air со 133 патници од Лондон вчера попладне слета на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, пишува Миа.

“Добро е што се работи за линија на нискобуџетна компанија што ќе нуди поевтини билети. Ова нема да биде само прилика со поевтини билети да патуваат луѓе во двете насоки, туку и добра можност за бизнис заедницата да воспостави бизнис релации, имајќи ја предвид слободната економска зона што се наоѓа во непосредна близина на аеродромот“, рече Зоран Крстевски, директор на  ТАВ Македонија.

Тој додаде дека оваа линија ќе биде атрактивна и за патниците од соседните земји, особено за Албанија.

Согласно договорот со Wizz Air, предвидено е на дестинацијата Лондон седмично да летаат два авиони, до средината на септември, при што се очекува на охридскиот аеродром оваа сезона да пристигнат околу 2.500 патници. Според договорот за субвенционирање авио летови, наредната година летовите за Лондон ќе стартуваат од 15 мај до 31 декември, во кој период авиокомпанијата е предвидено да донесе седум илјади патници. Во текот на цела 2017 година предвидено е да се донесат 12.000 патници и во првата половина на 2018 остануваат уште 4.000 патници.