Публикација Батерии – опасност или можност? Заштеда на ресурси преку рециклирање батерии

36

Батерии – опасност или можност? Заштеда на ресурси преку рециклирање батерии, е насловот на публикацијата што денеска ја промовираа невладината организација Go green и фондацијата Конрад Аденауер.

Прирачникот, според авторот Антонио Јовановски, е фокусиран на воспоставување систем за рециклирање батерии во општините. Досега има само осум општини кои го имплементираат системот за управување со отпадни батерии.

“Општините немаат доволно капацитети да се фокусираат на секој закон и негова имплементација во областа на животната средина и затоа овој закон не е на високите приоритети. Со прирачникот и преку едукација сакаме да го зајакнеме капацитетот за имплементација“, рече Јовановски.

Тој рече дека на депониите завршиле многу отпадни батерии, кои содржат тешки метали како жива, никел и кадмиум, со што се загадува почвата и храната. Тоа предизвикува деформација на коскениот систем, остеопороза и канцер.

Отпадот од батерии и акумулатори од Македонија се собира и се испраќа во странство за соодветен третман на рециклирање.