
Денеска беше пуштена во употреба нова делница од автопатот Кичево–Охрид.
Премиерот Христијан Мицкоски денес свечено ја пушти во употреба новата делница Климештани-Охрид од автопатот Кичево-Охрид, истакнувајќи дека оваа инфраструктурна инвестиција претставува значаен чекор напред за Македонија, особено за југозападниот регион на земјата.
„Ова не е само уште еден пат, ова е силен доказ дека Македонија се движи напред, дека се гради и дека се надминуваат долгите години на застој“, рече Мицкоски.
Премиерот потсети дека автопатот Кичево-Охрид со години беше симбол на блокади и незавршени проекти, а граѓаните со право го изгубија трпението гледајќи како градилиштата стојат празни.
„Речиси една деценија овој проект беше симбол на закочени и недовршени работи. За жал, поради таа слика многумина ги напуштија своите домови и заминаа. Денес ја менуваме таа слика. Таму каде што имаше застој – има решение, таму каде што имаше недоверба – има резултати“, истакна премиерот.
Според него, автопатот има стратешко значење за земјата, бидејќи претставува клучна транспортна артерија што го поврзува југозападниот дел на Македонија со остатокот од државата и со Охрид – туристички и културен центар од светско значење.
„Со овој автопат, Охрид и целиот регион добиваат нова енергија за развој, нови шанси за туризмот и нова перспектива за економијата“, рече Мицкоски, додавајќи дека новата сообраќајница ќе овозможи побрзо, побезбедно и поефикасно патување, ќе го олесни транспортот на стоки и услуги и ќе поттикне нови инвестиции и отворање работни места.
Тој ја искористи приликата да нагласи дека Владата во изминатите 18 месеци реализирала значајни инфраструктурни проекти:
Делницата Градско – Фариш (25,7 км)
Делницата Страцин – Крива Паланка (25,5 км)
Делницата Врбјани – Ботун (околу 20 км)
Со денешното пуштање во употреба на новата делница од автопатот Кичево – Охрид, вкупната должина на новоизградени патишта достигнува 87,5 километри за нешто помалку од година и половина.











