Qualcomm и Samsung сакаат да го купат ARM

61

Пред две години се појави информација дека Samsung сака да ја купи британската компанија АRМ која произведува чипови и полупроводници. За неупатените, оваа компанија е позната по креирањето на ARM архитектура на процесори кои најмногу се користат во смартфоните, таблетите, но и во некои лични и лаптоп компјутери.

Сепак, Samsung не успеа во тоа, а следен во редот за купување на оваа компанија беше Nvidia, за цели 40 милијарди долари. Но, оваа аквизиција не се реализираше поради проблеми со законските прописи кои велат дека ваквата аквизиција ќе донесе монополска позиција на новиот сопственик. Сагата за ARM не завршува тука, а сега еден од главните актери е Qualcomm, кој изрази желба да ја купи ARM со поинаков метод. За таквиот потег им е потребна помош од други компании, а една од нив најверојатно е Samsung.

Поместувања на пазарот Според порталот SamMobile, јапонската SoftBank, компанија која е сопственик на ARM, во моментов не бара купувач, туку се обидува да ја донесе ARM на берзата за да продаде дел од својот удел и да оствари профит. Тука се појавува можност за Qualcomm и Samsung.

Извршниот директор на Qualcomm, Кристијано Амон, изјави за „Фајненшл Тајмс“ дека ќе бидат заинтересирани да формираат конзорциум за купување акции на ARM – „Ние сме заинтересирани да инвестираме“, рече Амон, додавајќи дека „ARM е многу важна за понатамошниот развој на индустријата“. Зошто конзорциум? Главната причина за формирањето на конзорциумот за купување на ARM е заобиколувањето на законските прописи што ја спречија Nvidia да купува.

Кристијано Амон наведува дека „потребно е поголем број компании да учествуваат во аквизицијата за да се обезбеди независност на ARM“. Дополнително, тој изјави дека потенцијалната понудена цена ќе треба да биде доволно висока за зделката да биде успешна. Сè уште нема информации кога би можел да се случи ваков деловен потег и колкава би била неговата вредност. Но, ARM секако останува многу примамливо купување, за кое очигледно се согласуваат некои од најголемите светски технолошки компании.