Распределба на ланската добивка на Тетекс

42

Компанијата Тетекс од Тетово донесе предлог одлука за распоред на добивката по завршна сметка за 2018 година и нејзина употреба.

“Се одобрува остварената добивка после оданочување за 2018 година од 36.143.632 денари да се распореди за следните намени: износ што се внесува во законски резерви – 1.807.182 денари, износ што се исплатува по договор за уредување на односите меѓу компанијата и генералниот директор – 1.716.823 денари, износ што се исплатува во вид на дивиденда на иматели на акции – 8.650.944 денари и износ на нераспределена добивка 23.968.683 денари“, стои во Одлуката објавена на Македонска берза.

Според предлог одлуката, што Собранието на акционери на компанијата треба да ја донесе на четврти април оваа година, ќе се распоредува дел од нераспределената акумулирана добивка од минати години за исплата на дивиденда.

“Се одобрува акумулираната добивка од минати години во износ од 55.355.862 денари да се распореди за исплата на дивиденда на иматели на акции. На износот од 55.355.862 денари да се исплати 10% данок на добивка во износ од 5.535.586 денари. Делот за исплата на дивиденда по оданочување изнесува 49.820.276 денари“, стои во Одлуката.

Исто така, наведена е одлука за исплата на дивиденда и утврдување на дивиденден календар. Во истата стои дека се одобрува исплата на дивиденда од 58.471.220 денари од следните извори: 8.650.944 денари од добивката на компанијата за 2018 година и 49.820.276 денари од акумулираната добивка од минати години.

Висината на дивидендата бруто по акција ќе изнесува 4,56% од номиналната вредност, односно 141,176 денари бруто по акција.

Последен ден на тргување со право на дивиденда е 16.04.2019 година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда е 17.04.2019 година. Датум на стекнување на право на дивиденда е 18.04.2019 година.