Раст на вкупните депозити во март и кај компаниите и кај домаќинствата

27

По падот во февруари, вкупните депозити на корпоративниот сектор, во март, се зголемија на месечно ниво за 2,4%, покажуваат податоците на Народна банка.

Притоа, растот е резултат на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при остварен пад кај останатите компоненти. Годишниот раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 12,5%, главно поради зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.

Во март годинава, кредитите на корпоративниот сектор беа непроменети на месечна основа, додека на годишна основа бележат раст од 1,8%. Нагорната годишна промена главно произлегува од зголеменото кредитирање во странска валута. Со исклучување на ефектот од извршените отписи на сомнителните и спорните побарувања, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот кредитен раст кај корпоративниот сектор во март изнесува 3,8%.

Вкупните депозити на домаќинствата, во март, бележат месечен раст од 0,1%, којшто целосно се објаснува со порастот на депозитните пари, а во услови на пад кај сите останати компоненти. На годишна основа, депозитите на домаќинствата се зголемени за 8,6%, што главно се објаснува со повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при остварен раст, но поумерен и кај останатите компоненти.

Во овој месец, вкупните кредити на домаќинствата се зголемени за 0,1% на месечна основа, при што во поголем дел се одобрени кредити во странска валута. Споредено на годишна основа, растот на кредитите на домаќинствата изнесува 10,1%. Анализирано по валута, годишниот раст е малку поизразен кај кредитирањето во странска валута. Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и на спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот кредитен раст кај домаќинствата во март изнесува 10,9 %.

Фото: Pixabay