Расте бројот на странски туристи

15

Фото: Pixabay

Бројот на туристите во мај 2018 година изнесува 104.034, што претставува пораст од 8,0% во однос на мај лани, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика. И бројот на ноќевањата за истиот споредбен период бележи раст од 5,6%, а само во мај се реализирани 211.234 ноќевања.

Бројот на домашните туристи во мај 2018 година, во однос на мај 2017 година, е зголемен за 1,2 %, исто како и кај бројот на странските туристи, каде зголемувањето е за 11,2 %. Што се однесува до бројот на остварени ноќевања, кај домашните туристи во мај 2018 година во однос на истиот период лани, тој е намален за 4,8 %, но затоа, пак, бројот на ноќевањата на странските туристи пораснал за 12,4 %.

Севкупно за периодот во првите пет месеци годинава, споредбено со истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 15,1 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 7,8 %, а кај странските за 19,0 %.

Истата ситуација е и со ноќевањата, кои во споменатиов споредбен период бележат зголемување од 13,6 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 5,4 %, а кај странските за 19,1 %.