Рекордно издание на Виз Ер Скопски Маратон: Трчаа над 8.000 учесници

17

5214af6a-7013-49a2-a3ea-91bce8fde2a3

На 12-то издание на Виз Ер Скопски Маратон 2016, вчера во Скопје, 8.000 учесници го истрчаа својот маратон и стигнаа на целта.

“Денеска го срушивме рекордот по бројот на учесници на Виз Ер Спортски Маратон, на кој оваа година учествуваа 8.000 натпреварувачи, но и рекордот на патеката во машка конкуренција кој го сруши Кениецот Кипротич Кируи, кој постигна одлично време од 2:12:36. Тука се вбројуваат учесници не само од Македонија, туку од вкупно 46 земји од целиот свет. Од организаторска гледна точка, навистина е убаво чувството да се види толку голема бројка на луѓе од целиот свет низ скопските улици како насмеани трчаат, се забавуваат, обидувајќи се да ги надминат своите можности и своите лични рекорди. Од организаторска гледна точка се трудиме секое ново издание на маратонот да биде поквалитетно, попосетено и токму поради тоа Скопски маратон е еден од најдобрите маратони кој може да се спореди со познатите маратони од други светски метерополи. Денешниот огромен спортски хепенинг нè потсетува сите нас за важноста да се учествува во настан од ваков вид дури и за самиот себе, сè со цел да се подобри карактерот, но и психичката издржливост и упорност да се исполни одредена зацртана цел. Среќен сум што покрај патеката денеска имаше огромен број на гледачи и заинтересирани гледачи кои беа сведоци на трките како маратонот, полумаратонот, штафетната трка и трката на 5 км и притоа истите ја покажаа својата креативност со интересните транспаренти”, изјави директорот на Виз Ер Скопскиот Маратон, Кире Синадиновски.

Кенијците повторно доминираа на Скопскиот маратон, откако Кипротич Кируи триумфално помина низ целта на машката маратонска трка со време од 2:12:36. Зад него се пласираше неговиот сонародник Ричард Кипроно Бет со време од 2:14:36, додека на третото место се најде Едвин Кирпуто Кирва (2:15:08). Во топ 5 маратонци се најдоа шампионот од 2013-та година, Вајклиф Кипкорир Бивот (2:19:07) и Силас Кипроно Ту (2:19:07). Во женска конкуренција Кенијката Гледис Џепкуруи Бивот со време од 2:40:10 е годинешната шампионка, а зад неа се пласираа Етиопјанката Шаваје Гамечу Дебелу со време од 2:45:30 и Фабиола Џон Вилијам од Танзанија со 2:49:13.

Од македонските натпреварувачи во машка конкуренција најдобро пласиран беше Александар Кираџиев, кој го освои седмото место со резултат од 2:45.57 часа, а веднаш зад него се пласираа Ристе Лазаров (2:48.45), Муџаид Мислимовски (2:54.54) и Игор Јанкуловски со време од 2:56.21.

Во женска конкуренција најбрза Македонка беше Весна Кираџиева, која патеката ја истрча за 3:22.41 час, што беше доволно за седмото место, додека Милена Чкрипеска се пласира на осмата позиција со резултат од 3:23.25 часа.

На полумаратонската трка од 21.километар во машка конкуренција триумфираше Албанецот Илир Келези со време 1:10.18 час, втор беше Македонецот Дарио Ивановски со време 1:11.14, а трет Србинот Кристијан Стошиќ, кој ја истрча патеката за 1:14.35 часа. Во женска конкуренција најбрза беше Србинката Даниела Бараќ (1:27.39), пред сонародничката Снежана Милошевиќ (1:32.23), а третотo место и припадна на нашата натпреварувачка Адријана Поп Арсова со време 1:36.54 часа.

На пет километри во женска конкуренција победија Рената Соколовска, и Суад Крејзиу во машка.

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската Унија. Наградниот фонт за Виз Ер Скопски Маратон 2016 беше 17.100 евра.