Renault го претстави освежениот Megane Sedan

14

Францускиот производител Renault не го заборава својот адут Megane во седан варијанта којшто сега пристигнува со низа унапредувања и освежувања.

Иако Renault го нарекува новиот Megane Sedan, сепак станува збор за освежување и рестилизирање на постоечкиот седан-купе модел од C сегментот, којшто пристигнува со неколку суптилни промени, барем кога станува збор за надворешноста. Инаку, Renault претходно го најави моделот Arkana, којшто на овие простори ќе се нарекува Megane Conquest, така што Megane семејството продолжува да се проширува.

На предниот дел се наоѓа целосна Pure Vision LED технологија, карактеристичниот Renault светлосен потпис кога станува збор за дневните светла, заедно со нов модифициран браник, ревидирана решетка и нови отвори за воздух. Renault додава и уште една боја во палетата, а станува збор за Highland Grey, заедно со дополнителни тркала кои варираат од 16 до 18 инчи.

Најголемата и најважна промена се случи во ентериерот. Освежениот Megane седан пристигнува со дигитализиран кокпит со 10,2-инчен дигитален инструмент кластер, или 7-инчен екран во пониските нивоа на опременост, додека централната конзола го добива новиот Renault Easy Link инфозабавен систем со екран до 9,3-инчи. Тука е и мултифункционалниот управувач со унапредени Adas контроли. Конективноста е унапредена благодарение на компатибилноста со Android Auto и Apple CarPlay За жал, Renault одлучи да не објавува фотографии од променетиот ентериер.

Освежениот Megane седан е произведен во Турција, а ќе пристигне кон почетокот на следната година во речиси триесет земји во Европа, Блискиот Исток, Африка и така натаму. Моделот ќе се понуди со два бензински и само еден дизелски мотор.

Тука е целосно новиот 1.0 TCe како базична опција и испорачува 115 КС. По него следува 1.3 TCe со 140 КС и опција за седумстепен EDC автоматски менувач со двојна спојка. Добро познатиот 1.5 Blue dCi се уште е во понудата, а испорачува 115 КС и може да се избере со седумстепен EDC или шестстепен мануелен менувач.

Преземено од Avtoplus.mk