Реплек за три месеци прокнижи добивка од 30,1 милион денари

126

Компанијата Реплек во првиот квартал од оваа година прикажа вкупна сеопфатна добивка од 30.177.000 денари, покажува консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Една година претходно, добивката на компанијата беше на ниво од 22.032.000 денари.

“Приходите од продажба на странски пазар имаат учество од 61% во вкупните приходи од продажба (2019: 56%) и имаат зголемување од 16% во однос на истиот период минатата година. Приходите од продажба на домашен пазар имаат учество од 39% во вкупните приходи од продажба (2019: 44%) и имаат намалување од 6% во однос на истиот период минатата година“, стои во Образложението на билансот на успех.

Во однос на проценка на менаџментот на компанијата за влијанието на пандемијата врз работење на компанијата, во Образложението се наведува: Во првиот квартал во 2020 година според поединечните финансиски извештаи, Реплек АД Скопје бележи раст на оперативните приходи од 39% во однос на истиот период минатата година. Консолидираните оперативни приходи се зголемени за 7% во однос на мината година, воглавно поради зголемениот извоз, додека намалувањето на оперативните приходи на домашен пазар е поради привремениот прекин во работењето на маркетот Реплек Маркет и ресторанот Ден и ноќ согласно мерките за заштита од коронавирусот COVID-19 предвидени од Владата.

Реплек АД Скопје – главна дејност на компанијата е трговија на фармацевтски производи и медицинска опрема. За таа цел компанијата има развиено мрежа од 23 аптеки. Дополнително компанијата во соработка со ланецот на маркети Хубо од Белгија поседува супермаркет за широка потрошувачка каде на едно место може да се најдат најразновидни производство за домаќинство. Исто така Реплек АД Скопје се занимава со трговија на долна облека, со трговија на расветни тела и со угостителство.

Фото: Pixabay