Ресторанот на винаријата Стоби прогласен за најдобар во Македонија

79

03 - janevska-ilieva

Ексклузивниот ресторан на винаријата Стоби вчера беше прогласен за најдобар во Македонија за 2015 година и ја доби престижна награда која ја додели Министерството за економија по повод Светскиот ден на туризмот на свеченото доделување кое се одржа во комплексот Македонско село во близина на Нерези кај Скопје.

Наградата им беше доделена поради придонесот во подобрување на туристичката понуда во земјава, а селекцијата ја направија Секторот за туризам во Министерството во соработка со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

“Ресторанот е отворен во исто време како и винаријата, во 2008 година и оттогаш постојано креираме нови понуди и внесуваме иновации. Оваа награда е потврда дека сме на вистинскиот пат и дека треба да продолжиме во истата насока. Капацитетот на ресторанот со терасата е 180 луѓе, а покрај врвните вина кои постојано освојуваат награди на најголемите светски натпревари, познати сме по тоа што служиме и специјалитети од македонската национална кујна. Но, вметнуваме и модерна нота во сферата на декорирањето, сервирањето и услугата, а најновото е дека се применува здраво готвење познато како ’софт кукинг’ или меко готвење“, велат од менаџментот на Стоби.

Покрај македонските специјалитети, на менито се наоѓаат и интернационални јадења така што секој посетител на ресторанот има голем избор пред себе и кулинарскиот тим на „Стоби“ е подготвен да задоволи сечиј вкус.

Покрај ресторанот, винаријата располага со простор за секаков вид настани. ВИП салонот има капацитет од 75 лица, енотеката од 60. Најново нешто е специјално дизајнираниот шатор со отворена, а сепак интимна, површина од 1.200 квадратни метри, наменет за настани на кои можат да присуствуваат 400 гости, како што се свадбени веселби, до сега десетина пати организирани. Стоби овозможува и користење на канцеларии и помали сали за состаноци, а за сите посетители е обезбеден паркинг и бесплатен интернет. Дел од понудата се и винските тури, а тимот на винарницата има скроено две понуди наменети за вистинските вински сладокусци.

Светскиот ден на туризмот годинава беше одбележан под мотото: Милијарда туристи, милијарда можности, а датумот 27 септември е востановен во 1980 година од Светската туристичка организација. Министерството за економија вчера им додели награди на 30 субјекти во седум категории меѓу кои беше и ресторанот на винаријата Стоби.