Ревизија: Финансиските извештаи објективно ја претставуваат финансиската состојба на НБРМ

23

Советот на Народната банка на Република Македонија ја одржа својата втора седница, на која беа разгледани и усвоени Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија и Годишната сметка за 2014 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија.

Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи на Народната банка на Република Македонија, од сите материјални аспекти, објективно ја претставуваат финансиската состојба на Народната банка на Република Македонија на 31 декември 2014 година, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што заврши, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

На седницата, Советот ги разгледа и ги усвои Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за задолжителната резерва и Одлуката за дополнување на Одлуката за благајничките записи. Во услови кога на аукциите на благајнички записи се применува тендер со ограничен износ, во последниот квартал на 2014 година и на почетокот од 2015 година се забележува дека деловните банки редовно го започнуваат периодот со ниско исполнување на задолжителната резерва, а при тоа учествуваат на аукцијата со високи износи над нивниот ликвидносен потенцијал.

Со измената и дополнувањата на Одлуките се предвидува деловните банки да го започнат периодот на задолжителна резерва со средства на сметките во Народната банка, најмалку, во висина на задолжителната резерва. Дополнително, се предлага втора мерка со која се предвидува ограничување на користењето на задолжителната резерва во текот на целиот период на одржување, така што банките ќе имаат обврска да одржуваат дневна ликвидност најмалку во висина на 50% од задолжителната резерва. Овие мерки не ја намалуваат флексибилноста во управувањето со ликвидноста од страна на банките, а истовремено се очекува да придонесат за намалено потпирање на задолжителната резерва при формирањето на побарувачката за благајнички записи.

Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели Бик од серијата Хороскопски знаци. Кованата пара Бик’ е со апоен од 10 денари во 7.000 парчиња.