Roche ја купува американската InterMune за 8,3 милијарди долари

20

roche

Швајцарската фармацевтска компанија Roche Holding договори преземање на американската биотехнолошка компанија InterMune за 8,3 милијарди долари во готовина, јавува Ројтерс.

Roche објави дека за InterMune ќе плати 74 долари по акција, што претставува премија од 38% во однос на заклучната цена на оваа акција на берзите во петокот, 22 август.

Ова е најголема аквизиција на Roche од 2009 година, кога го купи преостанатиот удел што не го поседуваше во американската фармацевтска групација Genentech за околу 47 милијарди долари.

Според извршниот директор на Roche, Северин Шван, оваа аквизиција на компанијата ќе и овозможи да го прошири и зајакне своето портфолио од респираторни лекови. Со преземањето на InterMune, Roche во своето портфолио ќе го добие лекот пифренидон (трговско име Esbriet) за лекување на белите дробови. Пирфенидонот е одобрен за третирање на т.н. идиопатска белодробна фиброза во Европа и Канада, а во САД е под разгледување на регулаторите.

Според проценките на аналитичарите од оваа индустрија, годишната продажба на овој лек до 2019 година може да надмине една милијарда долари, јавува Ројтерс.