Рокот за субвенциите во земјоделството продолжен до 20-ти октомври

33

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев информираше дека рокот за поднесување апликации за добивање земјоделски субвенции кои се однесуваат за полјоделство, сточарство и аквакултура, односно рибниот фонд, ќе биде продолжен до 20-ти октомври годинава.

Според соопштенито на Ѓорѓиев оваа владина мерка е донесена по поголемиот број теренски посети кои ги извршиле специјализирани владини тимови, министрите и од известувањата од земјоделците и земјоделските здруженија.

“Беше утврдено дека добар дел земјоделци не стигнале во рокот кој претходно беше поставен да аплицираат за добивање на земјоделските субвенции за програмата 2013 година. Владата го разгледуваше ова прашање и утврди дека она што земјоделците го даваат како образложение зошто не можеле тоа да го направат е оправдано. Тие тврдеа дека поради текот на полјоделските работи кои се вршеа во август и септември не беа во можност да ги достават своите апликации до подрачните единици на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство или до Платежната агенција. Го увидовме ова и утврдивме дека рокот, кој претходно беше поставен, а важеше до 20-ти септември 2013 година, треба да биде дополнително продолжен”, рече Ѓорѓиев.

Според него, овој чекор претставува излегување в пресрет на интересот на меѓу две и три илјади земјоделци, кои според информациите на владата добиени од терен, не стигнале да ги поднесат своите апликации.

“Го направивме ова бидејќи цениме дека тие заслужуваат да ги добијат средствата, кои се нивни, заслужени и е дозволено едно пролонгирање на рокот. Земјоделците имаат десет дена, период во кој можат да ги комплетираат своите писмени поднесоци и да ги поднесат до надлежните органи. Сметаме дека овие 135 милиони евра, кои како земјоделски субвенции ги предвидуваме и ќе ги алоцираме за програмата во 2013 година ќе дојдат до секој краен корисник, земјоделец кој ги извршил своите работи и ги поднел документите до надлежните органи”, рече Ѓорѓиев апелирајќи до земјоделците да го сторат тоа што побрзо, бидејќи рокот нема да биде повторно продолжуван.