Ротари клубот Кочани – Виница донираше болнички кревети во вредност од 100.000 евра

34

Ротари клубот Кочани – Виница донираше нови кревети за локалните болници во вредност од над 100.000 евра, стои во соопштението.

Болниците во Виница и Кочани добија нови автоматизирани болнички кревети од реномираната компанија од САД HIL ROM. Донацијата ја обезбеди Ротари клубот Кочани – Виница, а преку Владимир Лазаров, по потекло од Виница, кој работи во болницата Краишклиник (Kreisklinik) од Еберсберг, Германија, од каде доаѓа и донацијата. Вредноста на донацијата е над 100.000 евра.

“Ротари клубот Кочани-Виница, преку своите активности постојано се стреми да помага и да придонесе за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани. Ние покажуваме дека можеме и преку сопствен ангажман да поттикнеме развој и да дадеме свој придонес. Токму оваа донација е пример за тоа и искрено се надевам дека на овој начин ќе поттикнеме и други граѓани и организации да се активираат и да дадат свој придонес за да создадеме подобро место за живеење за сите нас“, истакна Јован Попов, претседател на Ротари клубот Кочани-Виница.

Новите современи болнички кревети ќе бидат распределени согласно потребите на болниците од Виница и Кочани, и тоа 40 во Кочани и 10 во Виница, со што значително ќе се подигне квалитетот на здравствената услуга и ќе се олесни престојот на пациентите во овие здравствени установи.

“Оваа донација е од исклучително значење за подобрување на состојбите во јавните здравствени установи. Навистина ми е драго што има и вакви и иницијативи што сакаат преку личен ангажман да дадат придонес за подигнување на квалитетот на здравствените услуги. Ние и понатаму ќе се залагаме за квалитетно јавно здравство“, истакна Венко Данчев, директор на Здравствениот дом Виница.

Покрај Ротари клубот Кочани – Виница, во логистиката за реализација на оваа донација се влучи и општинската организација на Црвениот крст од Виница.

Преку повеќе од 110 години ротаријанците од цел свет се ангажираат и инспирираат за светот да биде подобро место за живеење. Активностите се спроведуваат преку 35.000 Ротари клубови ширум светот, од кои 20 клубови кај нас, кои делуваат во различни области во насока на исполнување на целите.