Фото: Pixabay
Топлотниот бран кој ја зафати Република Македонија создаде многу проблеми во сообраќајот. Покрај вообичаениот сообраќаен метеж карактеристичен на наплатните рампи и на граничните премини за време на продолжените викенди, метежот е редовна појава во главниот град, а високите температури дополнително ја зголемија нервозата, тензијата и вознемиреноста кај возачите, пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и сите останати учесници во сообраќајот. Сите се нетрпеливи и сите брзаат час поскоро да се сокријат од жешкото сонце, што пак создава дополнителен метеж во сообраќајот, застој, меѓусебни расправии и нетрпеливост и сето тоа на крајот се манифестира со неправилно и неодговорно учество во сообраќајот, погрешно преземени дејствија од учесниците во сообраќајот и голем број сообраќајни незгоди.
Живата во термометарот покажува значително повисока вредност во населените средини и токму тука, протокот и фрекфенцијата на сообраќајот е значително поголема. Тоа бара сконцетрираност, смиреност и посебно внимание на условите на патот.
Со цел безбедно учество во сообраќајот и избегнување на сите непријатности кои се последица од пеколно високите температури, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со препораки до учесниците во сообраќајот кои секојдневно се дел од урбаниот сообраќаен метеж:
- Доколку не постои неодложна потреба, да се избегнува патување во оној дел од денот кога температурите се највисоки. Вообичаено, во периодот од 12 до 16 часот се најголемите температурни шокови и затоа РСБСП апелира за навремено извршување на тековните обврски и апстиненција од учество во сообраќајот во наведениот период. Ова посебно се однесува за повозрасните пешаци и за велосипедистите.
- Да се избегнуваат температурни шокови кои се последица на температурните разлики. Задолжително при влегување или излегување од возилото да се направи постепена аклиматизација и температурно прилагодување и постепена адаптација. Наглите промени на температурата можат да предизвикат здравствени проблеми кај возачите кои сериозно може да ја загрозат безбедноста во сообраќајот.
- Возачите, а посебно пешаците и велосипедистите да консумираат повеќе течности и да прават почести паузи. Повозрасните граѓани и оние кои имаат здравствени проблеми, задолжително да се консултираат со лекар пред да се вклучат во сообраќајот.
- Да не се вози слалом, да не се пристигнуваат колони со возила и пешаци затоа што на тој начин се загрозува безбедноста во сообраќајот, а исто така дополнително се зголемува сообраќајниот метеж и застојот во сообраќајот. Максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од сите учесници во сообраќајот е најдобриот начин за најбрзо, најбезбедно и навремено пристигнување до посакуваната дестинација.
- Возачите да покажат повисоко ниво на толеранција кон пешаците и велосипедистите и согласно сообраќајните правила и прописи секогаш и навремено да им отстапат право на преминување. Во духот на сообраќајната култура и личниот бон тон, секој возач треба да има предвид дека пешаците и велосипедистите се тие кои се директно изложени на жешкото сонце.
- Да се почитуваат правилата за ограничување на брзината затоа што со брзо возење и неправилно престигнување, особено во урбана средина со густ сообраќај, освен што ќе се загрози безбедноста во сообраќајот и ќе се прекршат сообраќајните правила и прописи, нема да се овозможат услови за побрзо пристигнување на посакуваната дестинација.
- Високите температури предизвикуваат чувство на паника, несигурност и раздразливост кај возачите и останатите учесници во сообраќајот. Токму затоа, во вакви услови, особено важно е возачите и другите учесници во сообраќајот да ја зачуваат присебноста, да бидат сигурни и самоуверени и смирено да ги следат сообраќајните знаци и да се однесуваат согласно правилата и прописите во сообраќајот.
- Топлото време и високите температури влијаат на сопирачкиот пат на возилото, поточно го продолжуваат сопирачкиот пат на возилото. Затоа неопходно е да се држи безбедно растојание меѓу возилата и да се почитуваат ограничувањата за брзината.
- Високите температури предизвикуваат пад на концентрацијата, дефокусираност и нервоза кај сите учесници во сообраќајот. За безбедно учество во сообраќајот во услови на високи температури неопходно е меѓусебно почитување и дополнителни напори и посветеност на случувањата во сообраќајот од страна на сите учесници во сообраќајот.
Покрај наведеното, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетува на неколку важни работи кои се особено битни за безбедно и удобно учество во сообраќајот и избегнување на непријатностите во сообраќајот, а тоа се: задолжителна проверка на притисокот на гумите, проверка на течностите за разладување на моторот, проверка на течностите за бришачите, клима уредот, акумулаторот и задолжително поголема количина на гориво во резервоарот.
За безбедно учество во сообраќајот, без разлика на високите температури и изложеноста на надворешните влијанија, сите учесници во сообраќајот, вклучително и пешаците и велосипедистите, секогаш мора да ги почитуваат и да се однесуваат согласно сообраќајните правила.