Руси и Срби најголеми купци на недвижнини во Црна Гора

67

Странците во текот на минатата година во Црна Гора купиле недвижнини во вредност од 169,99 милиони евра, што е за 12,6 милиони евра помалку во споредба со 2018 година, покажуваат податоците на Централната банка на оваа земја, пренесуваат тамошните медиуми.

Традиционално, најголеми купувачи на недвижнини во оваа земја биле руски државјани, а по нив следат оние од Србија и Турција. И жители на Косово од 2019 година се појавуваат како значајни купци на недвижнини во Црна Гора.

Од обнова на независноста на Црна Гора, Русите најмногу се заинтересирани за имот во Црна Гора, а тој тренд продолжи и минатата година. Државјаните на Руската федерација лани истргувале недвижнини во висина од 39 милиони евра, што е исто како и една година претходно.

Веднаш за Русите, се наоѓаат Србите, кои за купување недвижнини во Црна Гора лани одвоиле 16,6 милиони евра или 2,1 милион евра повеќе во однос на 2018 година. Србите од второто место ги симнале Турците, кои во текот на минатата година тргувале со недвижнини во вредност од 12,7 милиони евра, што е двојно помалку во однос на 2018 година.

Меѓу најголемите купувачи на недвижнини, кои потрошиле над 10 милиони евра се државјани на земји членки на НАТО. Тука се Американци со потрошени 10,7 милиони евра и Германците со 10 милиони евра. Граѓани на Косово лани тргувале со недвижнини во Црна Гора вредни 4,39 милиони евра.

Фото: Pixabay