Русија ги „троши“ златните резерви: Продадени 22 тони злато за спас на буџетот

Руската централна банка продала околу 22 тони злато од своите резерви од почетокот на 2026 година, со цел да го намали растечкиот буџетски дефицит. Според достапните податоци, дефицитот достигнал околу 61 милијарда долари, главно поради намалени приходи од нафта и гас.

Со оваа продажба, вкупните златни резерви на Русија се намалиле на околу 74,1 милиони тројни унци, што е пад во однос на почетокот на годината.

Аналитичарите оценуваат дека ваквите потези се дел од поширока стратегија за обезбедување ликвидност во услови на зголемени државни трошоци и економски притисоци. Продажбата на злато не е невообичаена, бидејќи многу централни банки го користат овој ресурс како финансиска резерва во кризни периоди.

Дополнително, Русија започнала со вакви операции уште кон крајот на 2025 година, како дел од управувањето со државните резерви и прилагодување на нивната структура во услови на глобална економска неизвесност.