Русија привлечна шопинг дестинација по падот на вредноста на рубљата

12

rusija soping

Една од најголемите светски економии – Русија, во последно време се соочува со драматичен пад на вредноста на националната валута. Поради тоа, голем број граѓани на оваа земја решија нивните заштедени пари да ги претворат во долари или евра, а други пак решија да ја искористат шансата и да купуваат скапи предмети.

Освен тоа што Русите се обидуваат да се ослободат од девалвираната валута, оваа економска ситуација стана вистински магнет за купувачи од соседните земји.

Белорусија

Голем број жители на Белорусија во последните денови ја искористуваат намалената вредност на рубљата за шопинг во Русија, пишува rferl.org.

“Има огромен метеж. Луѓето буквално купуваат се и сешто, од месо до автомобили. Купуваат и техничка стока, а најмногу фрижидери, телевизори, пегли, апарати за кафе, навистина се. Цените се многу пониски од оние што ги имаме во Белорусија“, вели локален такси возач.

Казахстан

Слична е ситуацијата и со оваа земја. Долги колони од возила се забележани на граничните премини кон Русија, со цел голем број луѓе и од оваа земја да ја искористат шансата од огромниот пад на руската рубља и да си купат нешто за себе и за својот дом. Од оваа земја луѓето најмногу решаваат да си купат автомобил по цени пониски за 30% до 50%.

Молдавија

Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа и нејзината економија во голема мера се потпира на трансферите од неколкуте стотици илјади Молдавци кои работат во Русија. Најголем дел од нив се директно погодени од слободниот пад на рубљата, па нивните заработени пари ги менуваат во долари или евра пред да им ги пратат на своите семејства во Молдавија.