САД: Дополнителни трилион долари за санирање на економската штета

31

Претставниците на републиканците во американскиот сенат предложија дополнителни трилион (илјада милијарди) долари за трошење, за санација на економската штета настаната поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Планот вклучува 100 милијарди долари за училишта и еднократна исплата на помош од 1.200 долари на голем број Американци. Според тој план, таа исплата би го заменила зголемувањето на износот на државниот надомест од 600 долари за невработените во текот на пандемијата.

Овој предлог претставува ново скалило во преговорите со демократите кои го окарактеризираа како “целосно неадекватен“.

САД веќе потрошија 2,4 трилиони долари на стимулативни економски мерки, вбризгувајќи милијарди долари помош во претпријатијата и домаќинствата.

Меѓутоа, економистите предупредуваат дека на пролет таа помош ќе им биде уште попотребна.

Според новиот републикански предлог, надоместот од 600 долари за невработените бил намален на 200 долари, бидејќи се проценува дека моменталната сума ги обесхрабрува работниците да се вратат на работа, зошто повеќето од нив сега примаат пари повеќе отколку што би заработувале на работа.

Сенаторот Мич Меконел рече дека републиканците сакаат да продолжат со исплата на додаток за невработените, кои истекува оваа седмица, но во помал износ.

Освен пари за исплата на директната помош за домаќинствата и училиштата, републиканците се залагаат за донесување на закон кој ќе ги заштити претпријатијата од лажни пријави на работници дека заболеле од коронавирус.

Фото: Freepik