САД привремено го прекинуваат финансирањето на СЗО

42

Американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека им наредил на членовите на администрацијата  привремено да го запрат финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) заради начинот на којшто таа се справуваше со пандемијата на коронавирусот.

Трамп ја обвини СЗО дека знаела за тежината на вирусот во Кина пред да го запознаат остатокот од светот со потенцијалната пандемија. Тој смета дека СЗО е одговорна за економскиот хаос и илјадниците починати од коронавирусот.

“Толку многу починаа поради нивните грешки“, рече американскиот претседател и додаде дека илјадници животи би се спасиле ако СЗО ја извршеше својата работа како што треба.

Трамп уште на седми април најави дека би можеле да го прекинат финансирањето на СЗО, а исто така ја критикуваше организацијата дека е премногу ориентирана кон Кина.

Инаку, САД обезбедија 893 милиони долари во текот на двегодишниот период на финансирање на организацијата, додека Кина издвои околу 86 милиони долари во истиот период.

Фото: Pixabay