Саем на чиста енергија во Скопје

17

Поврзување на младите луѓе со компании кои работат во областа на обновливите извори на енергија и универзитети кои нудат студии од областа, е целта на Саемот на чиста енергија, што се одржува денеска и утре во ЕУ Инфо центарот.

Саемот е дел од ЕУ неделата за одржлива енергија, а го организираат Здружението на граѓани Go Green, со партнерите – Сојузот на извидници и AIESEC Скопје.

На саемот ќе учествуваат млади на возраст од 16 до 24 години, и претставници на компании и универзитети од Македонија, Франција и Германија, кои обезбедуваат академски и професионални можности во областа на обновлива енергија.

Според анализите на Европската комисија, три милиони работни места ќе се отворат во секторот за обновлива енергија до 2020 година.

Промената од општества кои користат фосилни горива во општества кои користат обновлива енергија, создава потреба за нова генерација на таленти за енергија кои успешно ќе го забрзаат процесот. Тоа, исто така, претставува одлична можност за нови бизнис можности и вработувања.