Сакаме Скопје да биде база на Балканот за нашите лекови

21
1
Ирфан Ѓунел, косопственик на турската фабрика за ветеринарни лекови Арма и веледрогеријата Елвин

Топлината на луѓето што ја почувствував овде е она што најмногу ме предизвика да дојдам во Македонија и идниот регионален центар да го формирам во Скопје.

Минатата недела се одржа третиот Саем на турски извозни производи, на кој се претставија околу 40 турски компании. Дел од нив веќе се присутни на македонскиот пазар, а еден дел за прв пат се претставија пред македонските потрошувачи. Свое прво претставување имаше и компанијата Арма која произведува ветеринарни лекови. Нејзиниот сопственик Ирфан Ѓунел, кој воедно е и претседател на Ветеринарната комора на покраината Ескишехир, говори за компанијата и за плановите за влез на македонскиот пазар.

БИ: Каква компанија е Арма, со што се занимава?

Фирмата е основана во 2006 година во Турција. Имаме сопствен простор за продажба, што спаѓа под веледрогеријата Елвин и посебен дел за производство, односно фабриката за ветеринарни лекови Арма. Фабриката се простира на 3.000 метри квадратни и користиме најнапредна технологија која ги исполнува ГМП стандардите. Производството ни е поделено во три главни делови: оддел за производство на таблети и прав, дивизија за производство на течни лекови и оддел за производство на пеницилин. Во нашето портфолио имаме 46 различни ветеринарни лекови за крупна стока. Со нив се третира најголемиот дел од болестите што се јавуваат кај животните, се третираат паразити, а покрај тоа имаме витамини и минерали поради чиј недостаток, пак, се развиваат различни болести кај животните. Покрај сопственото производство, имаме право да продаваме и други лекови од други произведувачи. Ние продаваме на големо и главно се пријавуваме само на државни тендери. Од целото производство, 80% ни е продажба кон државата, затоа што државата има многу фарми за животни под своја капа. Нашата политика на развој “Најдобар квалитет за добра цена” не доведе до местото лидер во секторот во матичната земја.

arma 3

БИ: Зошто ви е атрактивен македонскиот пазар?

Македонија многу ја засакав. Тоа е едно. А како второ, Македонија и Скопје ги гледам како појдовен центар за развивање на фирмата кон другите балкански држави. Во Скопје би била базата, затоа што ни одговара како локација, па планот е откако ќе влеземе во Македонија, да ја прошириме фирмата во регионот. Направивме неколку разговори со неколку претставници од Македонија и во периодот што следува ќе се обидеме да направиме најдобро што можеме, за да биде се како што треба и за нас и за Македонија.

Скопје и Ескишехир имаат неколку заеднички моменти: двата града се наоѓаат на река, низ Ескишехир минува Порсу и го дели на два дела. Во Ескишехир има многу луѓе што се доселени од Македонија. Имаме и Стара чаршија што многу наликува на скопската, јадењата и вкусовите се слични. Но всушност, топлината на луѓето што ја почувствував овде е она што најмногу ме предизвика да дојдам во Македонија и идниот регионален центар да го формирам во Скопје.

2

БИ: Што покажуваат вашите анализи, според бројките колку стока се чува во Македонија, колку има потреба пазарот од вакви лекови?

Направивме испитување на македонскиот пазар и ако го гледаме само како продажба на лекови, Македонија е многу мала за да продаваме само тука. Меѓутоа, кога се разгледува пазар како пазар, нема мал пазар, така што кога ова би бил појдовен пазар, би бил одличен центар за другите држави. Иако се работи за мала бројка, според нашите планови е некоја појдовна точка, затоа што сакаме да ги фатиме балканските пазари. Од прилика знаеме колку е годишниот промет на лекови низ Македонија, која ни е конкуренцијата и нашата цел е да ги стигнеме и надминеме западните лекови што овде традиционално се користат. Ние со квалитетот можеме да го постигнеме тоа.

Јас по професија сум доктор ветеринар. Кога работев како ветеринар во Турција, порано за да лекувам некое животно некогаш морав да патувам и 200, 250 километри. Јас на целава работа не гледам само преку призмата на парите. Во прв план ми е е здравјето, здравјето на животните го претставува здравјето на луѓето. На бизнисот не гледам како трговец, туку како лекар. За нас, здравјето е пред профитот.

БИ: Како котирате на пазарот во Турција?

arma 1Нашата годишна продажба е над 10 милиони долари. Тоа можеби изгледа малку, бидејќи вкупната продажба во овој сектор во Турција е три милијарди долари, меѓутоа, уште не сме премногу големи. Во Турција почнува да опаѓа доминацијата на американските и другите странски компании што продаваат лекарства од ваков тип, затоа што тие одат со три пати повисока цена од цената по која ние продаваме. Квалитетот на нашиот лек е подобар од нивниот и се случува од нашиот лек, иако е поевтин, да се потроши помала доза и да се излечи животното, а од поскапите лекови да треба да се купуваат повеќе дози терапија. Ние произведуваме со висок квалитет, и за нас квалитетот е пред цената.

Им препорачувам на фирмите што во Македонија се занимаваат со овој вид на лекарства да не контактираат, затоа што со колку повеќе луѓе контактираме, толку ќе можеме полесно да најдеме заедничка корист. Целта на настапот на овој саем во Македонија ни е да го продолжиме трајното пријателство што го имаат Турција и Македонија и да го подигнеме на едно повисоко ниво.