Сакате ли да ве “бие добар глас“?

148

Добриот глас далеку се слуша, а лошиот уште повеќе, е изрека којашто може да ја започне приказната за кандидатското искуство (candidate experience). Наједноставна дефиниција вели дека искуството на кандидатот вклучува впечаток што кандидатите го стекнуваат за компанијата за време на процесот на селекција, без оглед дали ја добиле работата.

Впечатокот на компанијата го вклучува целиот процес на селекција од вработување до фаза на запознавање на кандидатите на работното место. Освен оние што ја поминале селекцијата, впечаток за компанијата имаат и потенцијалните кандидати како  и сегашните и поранешните и идните.

Кандидатското искуство е многу актуелна тема за која зборуваат експертите за човечки ресурси, маркетинг, ПР … Дека тоа не е актуелен “моден хит“, сведочат многу истражувања и студии коишто укажуваат на значајната улога на кандидатското искуство кое  директно влијае во брендирањето на работодавачот и индиректно влијае на профитот на компанијата. Некои од студиите (Kelly Services; Corporate Responibility Magazine) укажуваат на тоа колку луѓе ги споделуваат своите впечатоци и колку тие впечатоци влијаат на процесот на донесување одлуки.

Бројките велат

69% од лицата кои бараат работа не би прифатиле работа во компанија за која слушнале нешто лошо, дури и ако се невработени
50% од кандидатите ќе ги пренесат своите позитивни впечатоци на социјална мрежа, а 83% дефинитивно ќе им кажат на своите пријатели
98% од кандидатите со позитивно искуство ќе им препорачаат на другите да аплицираат.

Јасно е дека сите компании сакаат да ги следи “добар глас“, особено сега кога има зголемен недостиг на работна сила и некои профили. Сè повеќе, не се компаниите кои имаат привилегија за избор, туку кандидатите и талентите се оние кои избираат каде сакаат да работат.

Затоа, многу е важно првата средба со компанијата и впечатокот што тие го формираат да бидат позитивно искуство што ќе придонесе за изборот и ставот што го имаат за компанијата. Бидејќи, дури и ако тие не ја изберат компанијата, важно е да имаат позитивен став за тоа.

Постојат бројни стратегии кои можат да имаат позитивно влијание врз искуството на кандидатот на краток или долг рок. Некои од овие стратегии вклучуваат подобрување на комуникацијата со кандидатите (редовни и навремени информации во сите фази на селекција), презентирање на јасни очекувања, љубезност и гостопримство, фер пристап, одржување на врски со добри кандидати…

Фото: Pexels