Салон за мебел Ambienti da Meli и цвеќарница Мели: Ексклузивност, луксуз и рачна изработка

437
10302692_10203186907739939_3522739899584123779_n
Камелија Пачемска, сопственичка на салонот за мебел Ambienti da Meli

Ексклузивност, луксуз и рачна изработка се главните нишки што ги поврзуваат двата успешни бизниси на Камелија Пачемска, ексклузивниот салон за мебел Ambienti da Meli и цвеќарницата со 25-годишна традиција – Мели. Таа зборува за италијански мебел што може да се види и купи единствено од нејзиниот салон, како и за успешниот бизнис со цвеќе, аранжмани и декорации преку цвеќарницата Мели.

1455062_779892968744131_7253235447353233674_n

БИ: Што нуди ексклузивниот салон за класичен италијански мебел Ambienti da Meli?

Одбравме специфичен мебел што воопшто не е застапен во Македонија. Единствено во нашиот салон мебелот може да се најде на лагер, за да може да се види во живо, бидејќи поголемиот дел од парчињата се прават по нарачка. Таргет ни е одредена група на луѓе кои имаат префинет и поистенчен вкус, кои сакаат специфичен мебел, уникатен и кој не се повторува. Кај овој мебел, во принцип, никогаш не се повторува истото парче. Нема сериско производство, па и да има исто парче, тоа ќе биде изработено во друга боја, со друг штоф. Со овие уникатни парчиња мебел може да се даде личен печат, која нема да биде копија, туку луѓето имаат можност да дојде до израз нивниот вкус. Мебелот потекнува од Италија, од два региона – Падова и Фиренца. Мебелот што се изработува од Падова е со попристапни цени за наш стандард, додека од Фиренца потекнуваат поексклузивните брендови. Има голем број фирми во Италија и поентата беше да се работи со нешто што ќе се одвојува на пазарот и мислам дека дури сега овој мебел го наоѓа своето вистинско место. Досега луѓето повеќе се запознаваа, бидејќи порано во салоните имаше само модерен мебел, а само мал дел фирми нудеа класичен мебел и тој беше класичен со одредена боја на дрво, едноставни штофови, а овој мебел што го нудиме ние е микс од класично и модерно. Кога едноставен модел на столица ќе се финишира со некоја атрактивна боја или впечатлив штоф, се добива сосема поинаков ефект во просторот. На овој начин се создава еклектичен стил, па така просторот повеќе не е униформиран, туку овој мебел доаѓа како украс на самиот крај. Не мора да има многу мебел, туку доволни се и две парчиња и луѓето во својот дом ќе добијат многу интересен ефект, од кој се гледа дека се потрудиле да се одвојува нивниот простор.

1477582_795700033830091_4906966624346414721_n

Би: Која е вашата таргет група и што е пресудно при купување на овој мебел?

Таргет група се лица по 40-тата година со веќе оформен вкус. Ние сме посветени на мал процент на луѓе, нашиот мебел не е наменет за широка потрошувачка. Цената не е пресудна при избор на мебелот, бидејќи тој во самиот старт е скап. Кога некој ќе реши да го купи, го прави тоа бидејќи му се допаѓа и не е лимитиран со средства. Некогаш се случува да си купат некое парче мебел и луѓе кои не можат да си дозволат, но бидејќи имаат желба и љубов, тоа едно парче мебел ќе си го дозволат и ќе си го купат. Нема правило дека мора да бидат финансиски потковани, туку станува збор за љубов и задоволство, бидејќи е мебел што треба да го сакате и да уживате во него. Се купува и за престиж, особено од поскапите брендови. Може слободно да се каже дека и во Македонија може да се продаде некое скапо и ексклузивно парче мебел. Мебелот е многу пофункционален од тоа како изгледа. Луѓето мислат дека е скап и дека не смеат да седнат на него, но тоа не е точно, бидејќи овие столици остануваат и можат да ги користат најмалку две – три поколенија. Мебелот е функционален бидејќи за пет години, штом ќе им здодее, луѓето можат да си го променат штофот или бојата и на тој начин го освежуваат. Купувањето на било кое од овие парчиња мебел е инвестиција, затоа што иако ќе се плати скапо бидејќи е изработено од масивно дрво, доколку го чуваат ќе го имаат многу долго. Италијанскиот дизајн, воопшто, во себе содржи рафинираност, што кај другите земји не е случај. Основни одлики на италијанскиот мебел е неговата рафинираност и леснотија во дизајнот. Дури и кај комплициран мебел, како на пример, резбите, се гледа леснотијата при изработката.

10686933_793354477397980_4397046462237107331_n

БИ: Кое е најскапото парче мебел што досега сте го продале? Освен мебел, што друго може да се најде во вашиот салон?

Најскапото парче е трпезариска маса со столчиња од 11.500 евра, продадено во Скопје. Освен мебел, во нашиот салон има и декоративни предмети, како што се столни ламби, украси, огледала… Огледалата се многу интересни затоа што се од дрво и техниката на боење е интересна и уникатна. Не станува збор за обично боење, туку се поврзуваат парче по парче сребрена и златна фолија, кои мора внимателно со четка да се залепат. Тоа е многу тешка и макотрпна процедура и токму затоа и чинат повеќе. Огледалата се посебно интересни и во градов не може да се најдат на друго место. Нашата поента е да бидеме поинакви од другите, затоа и го отворивме овој дуќан.

10245396_798950926838335_3236709208500369444_n

Би: Дали Македонците имаат вкус за уникатен мебел?

Македонците се народ со вкус, кај нас не недостасува вкус, кај нас парите се проблем. Овој мебел малку доцни на овие простори, за разлика од Србија, каде со години постои традиција за него. Она што недостасува е едукација, бидејќи овој мебел е релативно нов на пазарот. Кај нас е присутен последните пет до седум години, порано го немало и бил недостапен на пазарот. Затоа и не знаат и не се доволно информирани. Овој мебел е малку потежок за комбинација. На пример, архитектите имаат страв од овој мебел и често пати го поврзуваат со кич, но тоа не е така. За овој мебел треба да имаш добар вкус и креативност за да се вклопи во амбиентот. Модерниот мебел е многу поедноставен за комбинирање. Тука треба малку повеќе храброст, затоа обично го купуваат луѓе кои навистина го сакаат. Не се случило некој да го купи чисто за да покаже. Поголемиот број на клиенти го купуваат со разбирање и љубов. Многу луѓе сега почнуваат да го забележуваат, порано кога го донесов многумина сметаа дека тоа не може да се продаде кај нас. Многу малку луѓе ме поддржаа, но сега се покажува спротивното. Има и луѓе кои располагаат со пари, но немаат кој да им покаже што е убаво, туку се водат само стереотипно. За комбинирање на овој мебел потребен е малку повеќе труд. Во оваа работа големо влијание има и личниот вкус.

10177944_386888838116553_4175325519332025399_n

БИ: Освен салонот за мебел, дел од бизнисот е и цвеќарницата Мели. Колку време постои цвеќарницата Мели?

Цвеќарницата, што е наш семеен бизнис, постои цели 25 години и таму сме лидери во се. Први во Македонија увезовме материјали за пакување на букетите, декоративни машни, хартии, украсни садови… Во тој сегмент напредуваме се повеќе и повеќе и клиентите веќе не знаат, бидејќи секогаш има голем избор, секогаш има свежо цвеќе. Вложуваме исклучително многу труд за да може се да функционира беспрекорно. Правиме големи и мали настани, секојдневни букети, нивна испорака, аранжираме свадби. Во цвеќарницата направивме и посебно специјализиран простор за свадби, каде што имаме количински од се и тоа оди на принцип на изнајмување, што опфаќа аранжами со свежо цвеќе, бидермаери и се комплетно. Увезуваме и рачно изработени лампиони, кои се прилично скапи. Генерално, нашиот интерес е ексклузивно и рачно изработено, луксузно, без разлика дали е во цвеќарницата или во салонот за мебел.

1966787_372542986217805_166366857_n

БИ: Од неодамна функционира и on line продавницата на цвеќарницата. За кого е наменета?

On line продавницата е по терк на светските on line продавници за цвеќе. Tоа е интересен бизнис бидејќи преку него ги поврзуваме луѓето што од кај нас заминале во странство на работа, да можат да си нарачаат подароци и цвеќе за своите блиски, особено кога имаат сигурен партнер како нас.

10353193_466525556819547_7086423553774594936_n